Дигиталната трансформација претставува клучен предуслов за економска конкурентност, национална безбедност и институционална отпорност – порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на отворањето на конференцијата „Акцелератор за дигитална трансформација на Западен Балкан“, што се одржува во Скопје во организација на Амбасадата на САД, во име на Бирото за киберпростор и дигитална политика (CDP) при Стејт департментот.
Андоновски истакна дека дигиталната трансформација повеќе не е прашање само на модернизација, туку има суштинско значење за развојот на општествата и економиите.
– Дигиталната трансформација веќе не е само прашање на модернизација. Таа е прашање на економска конкурентност, национална безбедност, институционална отпорност и јавна доверба – нагласи Андоновски.
Тој посочи дека инфраструктурата што се гради денес ќе има директно влијание врз пристапот на граѓаните до услуги, конкурентноста на компаниите и безбедноста на општествата во иднина. Според него, дигиталната трансформација за Западен Балкан има посебно значење имајќи го предвид потенцијалот на регионот.
– Ние сме регион со силен човечки капитал, динамични ИКТ-компании и јасна амбиција да бидеме целосно интегрирани во европскиот и трансатлантскиот дигитален простор – истакна Aндоновски додавајќи дека за реализација на оваа цел се неопходни доверлива инфраструктура, стабилна регулатива и силно партнерство со демократските сојузници.
Во однос на националните политики, тој потенцира дека дигиталната трансформација е еден од клучните реформски приоритети на Владата. Посочи дека целта е граѓаните и бизнисите директно да ги почувствуваат придобивките преку помалку бирократија, поголема транспарентност и подобра отчетност. Во контекст на кибербезбедноста, министерот најави законски измени со кои првпат ќе се воведат стандарди за набавка на доверлива ИКТ-опрема.
Андоновски најави и дека во текот на следната недела ќе биде претставен и проектот Visual Tech, развиен во соработка со академската заедница.
Во своето обраќање министерот ја потенцира и важноста на соработката со Соединетите Американски Држави оценувајќи ја како стратешка за регионот.
Според економскиот аташе во Амбасадата на САД во Скопје, Барнабас Биркланд, земјите од Западен Балкан се соочуваат со клучен избор во ерата на вештачката интелигенција, однсоно дали активно ќе учествуваат во дигиталната револуција или ќе ризикуваат да заостанат.
– Северна Македонија и Западен Балкан се наоѓаат во клучен момент. Револуцијата на вештачката интелигенција е веќе во тек. Земјите мора да направат избор – или да учествуваат или да бидат оставени зад себе – истакна Биркланд.
Тој нагласи дека промените што ги носи вештачката интелигенција ќе бидат со невиден интензитет и ќе имаат долгорочно влијание врз општествата.
Основата на оваа трансформација, според Биркланд, лежи во развојот на клучната дигитална инфраструктура, вклучително и телекомуникациски мрежи, 5Г-технологии, центри за податоци и облак- решенија.
Како што посочи, американските технологија и компании играат клучна улога во глобалниот развој на вештачката интелигенција и нудат високо ниво на доверба и безбедност.
Баркланд оцени дека конференцијата претставува важна можност за продлабочување на соработката меѓу американските технолошки компании и партнерите од регионот и упати благодарност до Владата и министерот за дигитална трансформација Андоновски за лидерството во оваа област.
Digital Transformation Accelerator претставува форум на кој експерти од Владата и индустријата дискутираат за можностите и предизвиците што го обликуваат глобалниот дигитален пејзаж, со цел утврдување нови насоки за економски раст преку дигитални иновации, беше посочено на конференцијата што се одржува во Скопје.
Акцелераторот овозможува поврзување засегнати страни од регионот со водечки американски технолошки компании и креатори на политики, со фокус на зајакнување на партнерствата и развој на дигиталните капацитети. Во рамките на овие активности, како што беше нагласено, се настојува кон поттикнување на иновации преку партнерства со американска технологија, унапредување и обезбедување ИКТ-инфраструктура со доверливи решенија, како и придонес кон заеднички економски просперитет.
Во текот на дводневниот симпозиум учесниците имаат можност да разменат искуства со реномирани експерти, да воспостават контакти со колеги од регионот и да иницираат соработки што треба да прераснат во долгорочни партнерства во областа на дигиталната трансформација.
извор МИА








