АНАЛИЗА | МАКЕДОНИЈА И СТАПИЦАТА НА РАЗВОЈНА КОМПРЕСИЈА

МАКЕДОНИЈА И СТАПИЦАТА НА РАЗВОЈНА КОМПРЕСИЈА
  • Александар Дединец (Виш научен соработник во МАНУ)
  • Александра Дединец (Професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје)
  • Александар Стојков (Професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје)
  • Тиери Варан (Професор на HEC Монтреал, Канада)
  • Академик д-р Љупчо Коцарев (Професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии и редовен член на МАНУ)

Вовед

Замислете земја што за неколку години успеала да изгради нови училишта и да обезбеди преносни компјутери за сите ученици. Буџетските расходи за образование се значајно зголемени, а системот на образование забележува напредок. Сепак, тестирањата во рамки на Програмата за меѓународно оценување на учениците (PISA) покажуваат дека голем дел од учениците не разбираат основен текст и не умеат да решат основни практични математички проблеми. Ова значи дека идните дипломци многу тешко ќе наоѓаат вработување во професијата за којашто се профилирале. Во исто време, компаниите не ќе можат да најдат доволно работници со потребните вештини. Земјата напредува според вложените ресурси, но не успева целосно да ги претвори во зголемено знаење и повисока продуктивност.

Подигнувањето на квалитетот на образованието и неговото пресликување во повисока продуктивност бара време. Кога би направиле медицинска аналогија, тоа би зналечо дека скелетниот систем на момчето се извишил за кусо време, но момчето станало многу слабо и кревко. Потребно е време за да се надмине овој дебалансиран или потиснат развој.

Оттука, зад видливите макроекономски достигнувања многу се кријат сериозни нерамномерности во создавањето човечки капитал, квалитетот на институциите, социјалната вклученост и отпорноста на животната средина. Овој парадокс укажува на суштинска противречност меѓу брзината на економскиот раст и длабочината на развојната трансформација, или едноставно, расчекор меѓу концептите на економски раст и економски развој.

Кога постои неусогласеност меѓу брзината на квантитативното проширување (скелетниот систем на момчето) и длабочината на квалитативната трансформација (цврстината на неговото тело) велиме дека постои опасност од влегување во т.н. „стапица на потиснат развој“ (анг. „Development Compression Trap“). Овој концепт нуди нова рамка за анализа на земјите, а особено кај оние чии економски реформи напредуваат побрзо од институционалните, социјалните и еколошките капацитети.

Главната теза е дека растот на бруто домашниот производ, експанзијата на пристапот до образованието, инвестициите во инфраструктурата и приближувањето на домашното законодавство до она на Европската Унија не мора автоматски да се преслика во квалитетен одржлив развој. Земјата може и понатаму да биде структурно ранлива. Овој концептот е поврзан, но сепак поинаков од т.н. стапица на средниот доход (анг. „middle-income trap“). Оваа стапица, пак, ја доловува состојбата кога економијата со среден доход не успева да го забрза економскиот развој и да се приближи кон економиите во висок доход.

Да резимираме: земјата може да напредува во повеќето важни макроекономски индикатори, но не и во способноста да ги претвори ресурсите во продуктивност, знаење, подобро јавно здравје, институционална ефикасност и ефективност и подобра животна средина. Видливиот макроекономски напредок може да прикрие ниска иновативност, неприфатливо високо загадување, неефикасни јавни услуги и ограничено владеење на правото. Поради тоа, потиснатиот развој укажува на кревка економија, подложна на економски, политички и еколошки шокови.

Аналитичка рамка

За да ги доловиме неусогласеностите во одржливиот економски развој, истиот го анализираме преку четири меѓусебно поврзани домени:

  1. човечки капитал;
  2. економски раст и структурна трансформација;
  3. животна средина и енергија;
  4. инфраструктура и институции.

Дополнително анализираме и шест хоризонтални или повеќесекторски теми: дигитализација, социјална вклученост, управување, отпорност, родова еднаквост и човекови права. Оваа група на теми не се изолирани области, туку фактори што влијаат врз сите четири домени.

Во секој домен индикаторите се делат во две групи. Првата група го мери квантумот или опфатот и е означена со Q. Тука спаѓаат расположливите ресурси, инфраструктурата, степенот на учество во образованието, висината на јавните расходи и формално усвоените политики. Втората група ја мери длабочината на економскиот развој или остварените резултати и е означена со D. Таа ги опфаќа квалитетот на учењето, продуктивноста, иновациите, резултатите во однос на здравствената благосостојба, состојбата на еколошки план и институционалната ефективност.

Индексот на потиснат или компримиран развој се пресметува како позитивна разлика меѓу Q и D, односно:

C_p=max{0,Q_p-D_p }

Позитивна вредност покажува дека опфатот и ресурсите се поблиску до просекот на ЕУ-27 отколку реалните резултати. Колку е поголема разликата, толку е поголема компресијата. На пример, високото учество во високото образование, проследено со слаби резултати во истражувањето и иновациите, претставува компресија во доменот на човечкиот капитал.

Сите користени индикатори се нормализирани во однос на просекот на ЕУ-27, како репер за македонската економија. Користени се меѓународно кредибилни и споредливи податоци од Државниот завод за статистика, Евростат, Светската банка, ОЕЦД, Светската здравствена организација, УНДП и индикаторите за управување на Светската банка. Анализата го опфаќа периодот од 2018 до 2024 година.

Покрај индексот на компресија, трудот применува Aнализа на разграничени податоци, позната како (анг. „Data Envelopment Analysis“, DEA). Овој непараметарски метод оценува колку ефикасно една земја ги претвора достапните ресурси во посакуваните резултати. Вредност од 1 означува достигнување на референтната граница, а пониските вредности укажуваат на поголема неефикасност. Во трудот DEA се користи како инструмент за споредување со развојниот стандард на ЕУ-27. Затоа резултатите не ја мерат само ефикасноста во однос на другите земји во примерокот, туку првенствено ја покажуваат оддалеченоста од просекот на ЕУ-27.

Резултати за човечкиот капитал

Македонската економија има висок опфат во образованието, но слаби резултати во учењето. Околу 90% од учениците го завршуваат задолжителното образование, задржувањето во повисоките одделенија изнесува 94%, а учеството на лица со високо образование достигнува 38%, што е блиску до просекот на ЕУ-27. Сепак, само околу 45% од петнаесетгодишните ученици постигнуваат основно ниво на знаење по читање, математика или природни науки.

Квантитативниот индекс за образованието изнесува 0,73, а индексот на резултатите само 0,39. Оттука и произлегува компресискиот јаз од 0,34. Во споредба со ЕУ-27, образовниот опфат достигнува 98% од европското ниво, но резултатите достигнуваат само 46%. DEA-ефикасноста изнесува околу 0,50. Нискиот опфат со предучилишно образование од 42% дополнително создава нееднаквости уште пред почетокот на задолжителното образование.

Уште поголема неусогласеност постои во доменот на истражувањето и иновациите. Земјата има сѐ поголем број високообразовани лица, но вработените во истражување и развој претставуваат само 0,2% од вкупната вработеност. Расходите за истражување и развој изнесуваат околу 0,4% од БДП.

Компресискиот јаз е 0,36, а DEA-ефикасноста е само 0,18. Образовниот систем, според тоа, создава формални квалификации, но економијата и истражувачкиот систем не успеаваат да ги претворат во иновации и повисока продуктивност.

Здравството покажува подобри резултати. Со здравствени расходи од околу 7% од БДП, очекуваниот животен век достигнува 76 години, а смртноста кај новороденчињата и децата значително се намалува. Ефикасноста се зголемила од 0,41 во 2018 на 0,99 во 2024 година. Сепак, директните плаќања на домаќинствата покриваат околу 41% од здравствените трошоци, што укажува на слаба финансиска заштита и честа посета на приватното здравство со поскапи услуги.

За човечкиот капитал во целина, индексот на компресија изнесува околу 0,30, а DEA-ефикасноста само 0,23. Подобрувањето во здравството не успева да ги надомести долгорочните слабости во образованието, истражувањето и иновациите.

Економски раст без структурно унапредување

Кај економскиот раст се забележува приближна рамнотежа меѓу квантитативниот индекс од 0,42 и индексот на резултатите од 0,40. Сепак, оваа агрегатна слика прикрива големи секторски неефикасности. Вкупниот индекс на компресија е само 0,02, но DEA-ефикасноста во однос на европската граница изнесува 0,21.

Најизразениот проблем се воочува во земјоделството. Тоа создава околу 9% од БДП, речиси седум пати повеќе од неговото просечно учество во ЕУ, но органското производство изнесува само 0,3%. DEA-ефикасноста е 0,005, што укажува на исклучително слаба трансформација на земјоделските ресурси во модерно и продуктивно производство. Од друга страна, туризмот има умерена ефикасност од 0,70.
Овие резултати укажуваат дека растот главно се темели врз проширување на постојните активности. Недостига премин кон сектори со повисока додадена вредност, технолошко унапредување и поефикасно користење на квалификуваната работна сила.

Животна средина и енергија

Најсилна развојна компресија е утврдена во доменот на животната средина и енергијата. Вкупниот индекс изнесува 0,75, а DEA-ефикасноста само 0,015. Ваквите состојби покажуваат дека формалните политики, инфраструктурата и расположливите ресурси речиси воопшто не се претвораат во соодветни резултати на еколошки план.

Кај квалитетот на воздухот, вложувањата и формалните услови се над европскиот референтен однос, но резултатите достигнуваат само половина од европското ниво. Загубените години живот поради загадувањето се повеќе од двојно повисоки од просекот на ЕУ. Ефикасноста изнесува 0,37 и се намалува во анализираниот период.

Енергетската ефикасност се подобрува, но 24% од домаќинствата сè уште не можат соодветно да ги загреат своите домови. Индексот на компресија изнесува 0,54, а DEA-ефикасноста 0,68.

Најкритична е состојбата со отпадот. Создавањето отпад е блиску до европското ниво, но стапката на рециклирање е занемарлива. Индексот на резултатите изнесува само 0,015, а ефикасноста околу 0,01. И во овој случај, постојат формални политики и административни структури, но тие не создаваат функционален систем за селекција, преработка и повторна употреба на отпадот.

Инфраструктура и институции

Во овој домен квантитативниот индекс изнесува 0,80, а индексот на резултатите 0,64. Транспортната инфраструктура е умерено усогласена со европските стандарди, но дигитализацијата покажува нерамнотежа. Понудата на дигитални услуги се зајакнува, додека широкопојасната покриеност, дигиталните вештини и продуктивноста на малите и средните претпријатија сѐ уште остануваат ограничени.

Графикон 1. Регионална споредба

Кај управувањето со водите, загубите во водоводните мрежи достигнуваат 62%. Компресискиот јаз изнесува 0,47, а ефикасноста 0,52. Кај јавните финансии, релативно високото ниво на расходи не ги создава посакуваните резултати во поглед на фискалната дисциплина и квалитетот на јавните услуги. Компресијата изнесува 0,30, а ефикасноста е 0,71.

Формалните показатели за владеењето на правото и контролата на корупцијата се умерени, но спроведувањето и институционалната координација остануваат недоволни. Тоа создава јаз меѓу усвоените правила и нивната практична примена.

Графикон 2. Агрегатна ефикасност

Како понатаму?

Споредбата ги опфати и Србија, Црна Гора, Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија и Данска. Данска и Словенија се најефикасни во претворањето на ресурсите во човечки и еколошки резултати. Хрватска покажува релативно врамнотежени средни перформанси. Бугарија и Романија покажуваат умерена компресија. Србија и Црна Гора, исто така, имаат сериозни проблеми. Она што загрижува е дека македонската економија се карактеризира со најизразена развојна компресија, особено во истражувањето, управувањето со отпадот и квалитетот на воздухот.

Главната порака е дека развојните стратегии треба да се пренасочат од зголемување на опфатот (обемот на вложените ресурси) кон подобрување на резултатите. Во образованието, приоритет треба да бидат квалитетот на знаењето, функционалните вештини и поврзувањето со пазарот на работна сила. На економски план, потребни се повисока продуктивност, диверзификација, иновации и премин кон дејности со повисока додадена вредност. Во животната средина, клучни се спроведувањето на законските и подзаконските прописи, рециклирањето и намалувањето на загадувањето. Во поглед на институционалните капацитети, реформите треба да создадат реален капацитет за спроведување, а не само формална усогласеност со европското законодавство.

Развојната компресија или потиснатиот развој е системски проблем. Слабостите во образованието го ограничуваат растот на продуктивноста. Ниската продуктивност ги намалува ресурсите потребни за заштитата на здравјето и унапредување на животната средина.

Трудот заклучува дека реалната конвергенција кон ЕУ и одржливиот развој не зависат единствено од брзината на економскиот раст. Тие се силно детерминирани и од усогласеноста меѓу економската експанзија, капацитетите на институциите, квалитетот на човечкиот капитал и еколошката отпорност. Без таква усогласеност, видливиот напредок останува нестабилен, а приближувањето кон ЕУ ќе биде повеќе формално отколку суштинско.



Статијата е нетехничко резиме на трудот: Dedinec, A., Dedinec, A., Stojkov, A., Warin, T., Kocarev, L., The Development Compression Trap: A Framework for Understanding Uneven Development Trajectories, J.sustain. dev. energy water environ. syst., 15(1), 1140768, 2027, DOI: https://doi.org/10.13044/j.sdewes.d14.0768

пишува: Александар Стојков | Авторот е редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје
Економија и бизнис, 01 септември 2026

Најчитано