БАНКИТЕ КАКО „РИЦЕРИ“ ВО БОРБАТА ПРОТИВ СИВАТА ЕКОНОМИЈА
Ако сивата економија ја препознаваме како сериозна пречка за одржлив економски развој, причина за поткопување на праведноста на даночниот систем, за слабеење на конкурентноста на легалните компании и за ограничување на капацитетот на државата да обезбеди квалитетни јавни услуги, тогаш е потребно системско активирање на маханизми за нејзино сузбивање од страна на државата. Имено, енергијата што државата ја троши за реализирање на обврските од Реформската агенда (редовни средби на кои се договараат оперативни активности за реализација на преземените обврски) би требала во најмала рака да е еднаква со одлучноста и преземените мерки и активности во борбата против сивата економија. Впрочем легализирањето/формализацијата на сивата/неформалната економија силно ќе влијае на европеизација на државата и ќе обезбеди нов редовен извор на јавни приходи за државата.
Борбата со сивата економија не се води само со усвојување на стратегии и потпишување на меморандуми за соработка меѓу државните органи, со едуцирање на даночните обврзници (учесниците во даночната евазија не посетуваат вакви едукации) и повикување на општествена одговорност на сите учесници во економските активности, имено овие базични општествени насоки мора да бидат проследени со мерки за нивна имплементација, односно со системски решенија и теренски активности кои уредно се набројуваат во повеќето државни документи.
Често пати се/сме пишувало/е дека сивата економија е причина за ерозија на општествено-економскиот систем и дека нејзиното намалување треба да биде приоритет на државата. Впрочем борбата против сивата економија е комплексна задача за сите нас, од државните органи преку компаниите и финансиските институции, до граѓаните. Таа бара мултифункционален пристап во многу сегменти.
Кога сум пишувал на оваа тема сум предлагал мерки кои можат да ја подобрат состојбата. И сега со истата намера, овој пат таргетирано, се осврнувам на еден сегмент од механизмите кои можат да влијаат на подобрување на состојбите со сивата економија.
Би сакал да напоменам дека плаќањето во готово и неиздавањето на фискална сметка е честа појава кај нас и претставува „репрезентативен модел“ на сива економија на која не се осврнувам овде, а за која исто така е потребно донесување на посебни регулативи и механизми за нејзино сузбивање.
Важноста на поврзувањето на ПОС-сметката (слипот) со фискалната сметка при плаќање со платежна картичка
Дигиталното плаќање остава дигитална трага која претставува можност за проверка и контрола кога се работи за поврзаното даночно постапување на даночните обврзници. Со оглед дека плаќањата со картички е масовно секојдневие, проверувањето на поврзаните даночни трансакции од страна на надлежните органи е секогаш можно ако постои сомнеж, пријавување, анализа и сл., но сепак можноста за проверка не претставува системски механизам кој ќе ја елиминира опцијата за фискална евазија кога ќе се плати со картичка. Од друга страна, мануелната проверка на законитоста на избрани трансакции со платежни картички од страна на даночните инспектори само ќе ја потврдат апсурдноста на таквата можност за сметка за автоматизирање на процесите кои би се одвивале без инспекциски надзор.
Решението лежи во автоматизирана поврзаност на издадената/ите фискална/и сметка/и со слипот кој го следи плаќањето. Да одиме по ред.
Плаќањето со платежни картички претставува сè почест начин на намирување на обврските кон трговците и давателите на услуги. Во таквите трансакции, по правило, се создаваат најмалку два документи – фискалната сметка (1), која го документира прометот и фискалната трансакција, и слипот (2) од ПОС-терминалот, кој го потврдува извршеното безготовинско плаќање преку платежна картичка.1
Иако овие два документи имаат различна функција, нивното соодветно поврзување е од особено значење за обезбедување на целосна следливост на трансакцијата.
Фискалната сметка и ПОС-слипот имаат различна доказна функција
Фискалната сметка претставува документ со кој се евидентира извршениот промет и се обезбедуваат податоци релевантни за фискализацијата, даночната евиденција и сметководственото евидентирање.
Од друга страна, ПОС-слипот првенствено потврдува дека определен износ е платен преку конкретна платежна картичка, односно дека е извршена безготовинска трансакција преку платежен систем.
Затоа, ПОС-слипот не претставува замена за фискалната сметка, ниту фискалната сметка сама по себе секогаш го докажува начинот на кој е извршено плаќањето.
Зошто е важно да се поврзат фискалната сметка и слипот?
За целите на елиминирање на можноста за извршена наплата но без да се платат јавните давачки важно е да постои јасна трага помеѓу: извршениот промет → издадената фискална сметка → извршеното плаќање → приливот на средствата на трансакциската сметка на трговецот – продавач.
Кога податоците на двата документа се усогласени – на пример, износот, датумот и времето на трансакцијата, како и другите идентификациски податоци – значително се олеснува докажувањето дека конкретниот приход/промет е реално наплатен и дека плаќањето се однесува токму на конкретната фискална трансакција.
Ова е особено важно кај трговците со голем број дневни трансакции, каде што едноставно споредување на вкупниот дневен промет со вкупниот прилив на платежната картичка не секогаш овозможува доволна индивидуална следливост.
Значаен аспект за сметководството
За сметководството, поврзувањето на фискалната сметка со ПОС-трансакцијата овозможува полесна и посигурна контрола на евидентираниот приход, даночните обврски, наплатата… Поврзувањето овозможува воспоставување на следната контролна врска: фискална сметка → ПОС-слип → банкарски извод → сметководствена евиденција.
Ова е особено корисно при усогласување на приходите со средствата наплатени преку картички и при идентификување на евентуални разлики меѓу фискализираниот промет и средствата кои се процесирани преку платежниот систем.
Значаен аспект за ревизијата
Од ревизорски аспект, поврзувањето на документите придонесува за обезбедување на ревизорска трага (audit trail) и за полесно тестирање на целосноста и точноста на приходите.
Ревизорот може да ја следи трансакцијата од изворниот документ – фискалната сметка, преку доказот за плаќање – ПОС-слипот, до банкарскиот извод и конечната сметководствена евиденција.
Со тоа се намалува ризикот од:
- неевидентиран промет;
- двојно евидентирање на трансакции;
- погрешно поврзување на уплатите со продажните трансакции;
- несоодветно евидентирање на приходите;
- необјаснети разлики меѓу фискалниот и банкарскиот промет.
Особено значење при контрола на готовинскиот и безготовинскиот промет
Кај деловните субјекти кои истовремено наплатуваат во готово и преку платежни картички, јасното идентификување на начинот на плаќање има дополнително значење.
Одделното следење на готовинските и картичните трансакции овозможува полесно усогласување на фискалниот промет со физичката готовина во касата и со средствата кои преку платежните картички треба да бидат префрлени на трансакциската сметка.
Оттука, квалитетното поврзување на фискалната сметка со ПОС-трансакцијата претставува значаен елемент на системот на интерни финансиски контроли.

Поврзувањето не значи дека двата документи ќе се интегрираат во ист документ
Важно е да се нагласи дека фискалната сметка и ПОС-слипот имаат различна намена.
Фискалната сметка ја документира продажбата и фискалната трансакција, додека ПОС-слипот го документира плаќањето преку платежна картичка.
Затоа, најдобрата практика не е нивното формално „спојување“ во еден документ, туку обезбедување на јасна и проверлива врска меѓу нив.
Во електронските системи тоа може да се постигне преку соодветни идентификатори на трансакцијата, референтни броеви, датум и време, износ и други податоци што овозможуваат еднозначно поврзување.
Поврзувањето на ПОС-слипот со фискалната сметка при плаќање со платежна картичка има значајна улога во обезбедувањето на транспарентност, следливост и контролираност на прометот.
Тоа овозможува една картична трансакција да може да се следи низ целиот процес – од продажбата и фискализацијата, преку плаќањето со картичка, до банкарскиот прилив и сметководственото евидентирање.
Затоа, од аспект на современото финансиско управување, даночна усогласеност, сметководството и ревизијата, целта не е само да постојат фискална сметка и ПОС-слип, туку да постои сигурен механизам со кој може да се докаже дека тие се однесуваат на една иста деловна трансакција.
Ова е особено важно во услови на зголемена дигитализација на плаќањата и потреба од целосна електронска следливост на приходите.
Посебности на предлог-механизмот во македонско окружување: Предложените решенија што треба да ги реализираат државните органи, поради нивната инертност и потребата од одржување на комоцијата – не се прифаќаат, односно се „минираат“ уште во старт, но ова решение за поврзување на слиповите со фискалните сметки треба да го изведат банките, односно издавачите на платежните картички (платежни провајдери), преку автоматско поврзување на слиповите со конкретните фискални сметки што се плаќаат/наплаќаат без да се остави опција издадени фискални сметки кои се плаќаат картично да не бидат линкувани со слипот.
Всушност, технички ова поврзување треба да го овозможат/спроведат банките, со една важна (у)правна разлика: УЈП не треба ова неформално да го искомуницира и побара, односно да им наложи на банките да воспостават ваков систем. За тоа треба да постои соодветен законски основ и подзаконски прописи со кои ќе се пропише обемот на податоци и технички/процедурални правила за реализација.
Од актуелната регулатива, фискалната сметка веќе содржи опис на начинот на плаќање, вклучително и плаќање со платежна картичка (член 5.16 од ЗРГП).
Како би можело ова да функционира во пракса?
Најдобар модел би бил автоматско усогласување на фискалната трансакција со картичната трансакција.
- Трговецот издава фискална сметка
- ЕДБ/идентификација на трговецот
- број на фискална сметка
- датум и време
- износ
- начин на плаќање – платежна картичка.
- ПОС-терминалот ја обработува картичната трансакција
Банката/процесорот има свои податоци за:
- трговецот;
- датум и време;
- износ;
- идентификатор на ПОС терминалот;
- авторизациски/референтен број на трансакцијата.
- Клучот би бил заеднички идентификатор
Најдобро решение би било во моментот на плаќањето да постои единствен Transaction ID / референтен број кој може да се поврзе со фискалната трансакција.
Тогаш системот би можел да покаже: Фискална сметка бр. 1234 → 5.000 денари → ПОС трансакција бр. XXXXX → 5.000 денари → банкарски прилив.
Со тоа УЈП би можела автоматски да прави cross-check помеѓу фискализираниот промет и картичните трансакции.
Има и друга важна работа: Банките на УЈП не би требало да ѝ доставуваат податоци за сопственикот на платежната картичка. За даночна контрола на трговецот тоа најчесто не е потребно.
За УЈП суштински се следните податоци: трговец + ПОС + датум/време + износ + идентификатор на трансакцијата + фискална сметка.
Тоа е многу почист модел од аспект на заштита на податоците и банкарската доверливост.
Целта треба да биде: електронско поврзување на фискалната трансакција со електронската картична трансакција.
ПОС-слипот тогаш останува доказ/документ за корисникот и трговецот, додека за потребите на УЈП се обезбедува електронска трага.
Ова би било многу поефикасно за контрола на непријавен или нецелосно пријавен промет.
Како УЈП би го користела системот?
Најголемата вредност би била во автоматското усогласување.
На пример, УЈП добива:
Фискални сметки:
- 2.000 денари
- 3.500 денари
- 1.800 денари
- 5.000 денари
Картични трансакции: - 2.000 денари
- 3.500 денари
- 5.000 денари
Системот автоматски би идентификувал дека фискалната сметка од 1.800 денари нема соодветна картична трансакција.
Но тоа не значи автоматски дека постои даночно прекршување. Може да има плаќање во готово, сторно, откажана трансакција, техничка грешка или временско поместување.
Затоа системот треба да служи како risk analysis алатка, а не како автоматски доказ за неправилност.
Самото барање од УЈП до банките не би требало да биде единствениот основ за воспоставување на траен автоматизиран систем за размена на податоци.
Со подзаконски пропис треба да се уреди траен автоматизиран систем за размена на податоци: - кои податоци ќе се доставуваат;
- кој е должен да ги доставува – банка, процесор или друг субјект;
- во кој рок и формат;
- за која даночна цел;
- како се обезбедува заштитата на податоците;
- колку долго се чуваат податоците;
- кој има пристап до нив;
- како се постапува при технички несогласувања.
Ваквото логичко/електронско поврзување на трансакциите преку единствен идентификатор ќе ги елеминира сите проблеми на некаква интеграција. Имено, различни производители на фискални системи, банки и платежни процесори би можеле да функционираат во единствен контролен систем.
Потенцијални придобивки
Воведувањето на ваков систем би овозможило:
- намалување на неевидентираниот промет;
- откривање на разлики помеѓу фискалниот и картичниот промет;
- подобра анализа на ризикот кај даночните обврзници;
- поефикасни даночни контроли;
- намалување на потребата од физички контроли;
- автоматизација на дел од даночните постапки;
- подобро усогласување на фискалниот и банкарскиот промет.
Ова се вклопува и со пошироката насока на УЈП кон подобрување на доброволната усогласеност и користење на аналитички пристапи во контролата. Во Планот за подобрување на усогласеноста 2026–2027 УЈП предвидува повеќе активности поврзани со фискализацијата и намалувањето на неформалната економија.
Заклучна препорака
Со автоматизирањето на поврзаноста на фискалните сметки и картичното плаќање преку национален систем за електронско усогласување на фискалните и картичните трансакции:
- УЈП би го го контролира фискалниот промет,
- банките/процесорите ќе потврдуваат дека е извршена картична трансакција,
- трговецот останува одговорен за правилното евидентирање на прометот,
- а системот автоматски ги поврзува податоците без да се обработуваат непотребни лични податоци за купувачите.
Најважната порака е:
Не е потребно УЈП да го контролира секој ПОС-слип. Потребно е да воспостави систем во кој секоја картична трансакција може електронски да се поврзе со соодветната фискална трансакција.
Таквиот модел би претставувал значаен чекор кон дигитална даночна контрола, намалување на неформалната економија и зголемување на доброволната даночна усогласеност.
пишува: Павле Гацов | Авторот е даночен советник
Економија и бизнис. 01 септември 2026










