Интервјуа

Интервју | Д-р Настов: Клиниката располага со млад кадар кој ја гарантира иднината на врвната хирургија во Клиниката и во државава

Интервју со Небојша Настов, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје

Доктор Небојша Настов е директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје. Со него разговараме за состојбите во здравството и за можните решенија за тековните предизвици. Со оглед на тоа што е хирург трауматолог го прашавме и за совети како да се избегнат повреди во зимските месеци со голомразици.


Докторе Настов, за почеток како би го оцениле квалитетот на здравствените услуги во нашава држава во споредба со други држави?

Н. Настов: На почетокот би сакал да забележам дека ова е едно од најчесто поставуваните прашања, ако не и најчестата дилема кај граѓаните. Не знам дали ова е последица на општото неверување во сопствените можности и вредности или пак е само последица на секојдневните случувања генерално во нашава земја. Она што би сакал да го потенцирам е дека нивото на здравствените услуги, како и нивниот квалитет е на највисоко европско, т. е. светско ниво. Во последнитве години се инвестира во здравството како во инфраструктурата, т .е. опремата, така и во едукацијата на кадарот. Оваа инвестиција секако ќе придонесе за уште поголем квалитативен скок на услугите кои им се нудат на пациентите во нашава држава. Можеби дел од скепсата кон јавното здравство е последица на долгогодишната запоставеност на јавно-здравствениот сектор, а не недовербата спрема здравствените работници. Ова се гледа од фактот што граѓаните се лекуваат во голем број во приватните болници во нашава држава, каде што повеќе од 95% од кадарот потекнува од јавните здравствени установи и во најголем дел е едуциран во болниците низ нашава држава.

Како функционира државниот здравствен сектор однатре имајќи ја предвид внатрешната организација на здравствените установи, протоколите, просторните услови и потребната медицинска апаратура за работа? Што треба да се направи?

Н. Настов: Генерално јавно-здравствениот систем во државава е замислен да функционира во три нивоа на здравствена заштита: примарно ниво кое се заснова на семејните доктори, т. е. матичните лекари; секундарно ниво кое е засновано на специјалистичко-консултативната дејност и општите болници низ државава и како највисоко ниво на здравствени услуги треба да биде терцијарното здравство кое го сочинуваат универзитетските клиники во Скопје и клиничките болници низ државава. За жал, оваа концепција не може да функционира доколку кој било дел од системот потфрли, т. е. не функционира. Сите сме сведоци на турканиците низ болниците во главниот град, а тоа е една глетка која е непријатна и создава револт кај граѓаните кои чекаат на услуга, но и огорченост кај здравствените работници кои имаат впечаток дека не можат соодветно да одговорат на потребите на оние за кои се наоѓаат таму. Дел од причините за овие турканици лежи во тоа што голем дел од пациентите кои се јавуваат на преглед ги прескокнуваат прегледите кај матичните лекари и се јавуваат на преглед во терцијарното здравство без никакви, па макар и основни дијагностички прегледи, па со тоа тие треба да се изведуваат во овие установи чија основна функција е да ги решаваат најсложените здравствени состојби, а не да се изведуваат основни рендгентски или пак лабораториски испитувања. Во однос на просторните услови и опремата, сметам дека со инвестициите во јавното здравство во последниве години условите се подобруваат и стануваат конкурентни на болниците низ Европа. Единствено што треба со сигурност да се смени е нашиот менталитетот за сочувување и за одржување на она што е веќе направено за да можеме во иднина да ги надградуваме, а не секогаш да почнуваме од нула.

Еден од големите предизвици за тековното и за идното работење во здравствениот сектор секако е недостатокот на кадар. Кој профил на кадар најмногу ви недостасува? Кои би биле евентуалните решенија за овој проблем?

Н. Настов: За жал, недостатокот на кадар не е само во здравствениот сектор, тој се чувствува во сите сфери на животот. Интересен е фактот дека иако општоприфатеното мислење е дека најмногу ни фалат лекари, вистината е дека најголем недостиг на кадар имаме во профилот на медицинските сестри. Знаете, во Европа постојат стандарди за соодносот на бројот на медицински сестри во однос на бројот на болнички кревети заради тоа што во стационарните здравствени установи постои персонал кој е одговорен за нега на пациентите и персонал кој е одговорен за аплицирање на терапија кај истите тие пациенти. Секако решението на овој проблем е подлабоко и системско, пред сè треба да се зголеми бројот на кадар кој ќе се планира за профилот медицински сестри и тоа пред сè во т.н. формално средно медицинско образование. Знаете, профилот на медицинските сестри со години е некако подзаборавен и сметам дека промените треба да започнат токму таму, т. е. да се врати овој благороден профил на своето заслужено место, а потоа и да се создадат услови кои ќе овозможат задржување на овој преку потребен кадар во нашава земја.

Вие ја менаџирате болницата „Св. Наум Охридски“, поранешна Градска болница. Како функционира болницата и какви се плановите за во иднина?

Н. Настов: Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како што, впрочем, е и официјалното име на установата, е хируршка установа која е формирана во 1962 година. Установата располага со околу 120 хируршки кревети и во неа се изведуваат околу 5 000 хируршки интервенции годишно. Во амбулантско-поликлиничкиот блок се извршуваат преку 200 000 прегледи годишно. Среќен сум што можам да кажам дека во Клиниката се изведуваат најсложените хируршки зафати од сите области на хирургијата и Клиниката располага со млад кадар кој ја гарантира иднината на врвната хирургија во Клиниката и во државава. Плановите за иднината секако во најголем дел се однесуваат на продолжување на реконструкцијата на одделите во Клиниката, како и отворање на ургентен центар кој ќе овозможи комплетно одделување на итните пациенти од оние кои се третираат како елективни.

Прашање за вас како хирург трауматолог. Дали е зголемен обемот на работа во зимските месеци земајќи ги предвид опасностите од голомразица и сл.? Какви совети би им дале на граѓаните за превенција од вакви повреди?

Н. Настов: Интересен е фактот дека не постои голема разлика во бројките на итните пациенти меѓу зимските и летните месеци. Секако постои разлика во типот на повредите кои се третираат, но бројките се приближни. Интересен е фактот дека во зимските месеци поголем е бројот на повредени граѓани во понапредната возраст. Најчесто повредите настануваат како последица на временските услови, како што споменавте голомразица или снег. Она што би можел како совет да го упатам кон граѓаните е дека треба да се избегнува излегување надвор кога тоа не е крајно неопходно во услови на голомразица или натрупување на снег. Особено ова е важно за граѓаните кои се во понапредната возраст, кога рефлексите се побавни или пак отсутни.


Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано