Економија

ЕК најави 171 милион евра поддршка за инфраструктурата и приватните бизниси на Западниот Балкан

Европската комисија денеска најави пакет-поддршка од 171 милион евра за поттикнување на развојот на инфраструктурата и растот на приватниот сектор во земјите од Западниот Балкан, меѓу кои и за подобрување на системот за пренос на електрична енергија и за изградба на енергетски ефикасни образовни објекти во земјава.

Новиот пакет за поддршка, како што соопшти ЕК, вклучува инвестиции од различни извори од ЕУ за финансирање проекти во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, насочени кон зајакнување на одржливиот раст и на регионалнате поврзаност на Западниот Балкан.

Од вкупната сума на средства, 91,8 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти во четирите земји, кои се очекува да мобилизираат вкупно 263 милиони евра инвестиции во седум проекти во дигиталната сфера, чистата енергија, човечкиот капитал, транспортот и животна средина.

Клучните проекти од овој пакет вклучуваат подобрување на македонскиот систем за пренос на електрична енергија, изградба и енергетски ефикасно реновирање на образовни објекти во Македонија и Црна Гора, електрификација на железничката линија Драч-Тирана и имплементација на широкопојасна инфраструктура во Албанија и реализација на проект за третман на вода за пиење и отпадни води во Босна и Херцеговина.

Покрај тоа, 2,9 милиони евра се доделени и за четири проекти за техничка помош во Албанија и Босна и Херцеговина, насочени кон поддршка на идните инвестиции во секторите енергетика, вода, иновации и истражување.

- Овие проекти ќе ги спроведуваат партнерите од Западен Балкан заедно со меѓународни финансиски институции, наведе ЕК.

Дополнително, 76,3 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на приватниот сектор во регионот, првенствено за реализација на неколку програми за помош на малите и средни претпријатија од Западниот Балкан, како и за зајакнување на капацитетите во јавно-приватното партнерство во Босна и Херцеговина.

Како што најави Европската комисија имплементација на проектите ќе може да започне откако тие ќе бидат одобрени од страна на Оперативниот одбор на Инвестициската рамка за Западниот Балкан.

- Ова вклучува финализирање на потребните договори со партнерските институции и корисници, започнување подготвителни студии за активности за техничка помош и завршување на процедурите потребни за да се овозможи имплементација на проекти од приватниот сектор. Откако ќе се завршат овие процеси, може да започне имплементацијата на поддржаните инвестиции, се додава во соопштението.

Според еврокомесарката за проширување Марта Кос, инвестирањето на ЕУ во партнерите од Западниот Балкан е клучно за нивно приближување кон Унијата.

- Повеќе од две години од усвојувањето на Планот за раст за Западниот Балкан, работиме, вклучително и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, на претворање на обврските во дела. Од унапредување на инфраструктурата до подобрување на развојот на бизнисот, овие инвестиции создаваат реални можности за граѓаните и ја прават ЕУ реалност што се живее низ целиот регион, заклучи Кос по повод најавата на новиот пакет за поддршка. 


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано