Бизнис
Еделински: Бизнис дијагностиката не е трошок, туку инвестиција
Златко Еделински, главен консултант во КОНТИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 ноември 2025г.
Агроконсалтинг за подобрувањето на продуктивноста и за проширување на извозниот потенцијал на македонскиот земјоделски сектор
Ниската продуктивност и ниската конкурентност во македонскиот земјоделски сектор се резултат на комбинација од повеќе клучни фактори: фрагментираност на земјиштето и ситни семејни стопанства кои не овозможуваат економија на обем. Поголемиот дел од земјоделците користат традиционални методи и немаат доволно обуки или поддршка за воведување нови агротехнички практики. Во преработувачките капацитети често се јавува недоволно инвестирање во модернизација на производните линии. Старите технологии резултираат со повисоки енергетски трошоци, послаба ефикасност и неконкурентен производ. Недостатокот од професионално раководство, од маркетинг-стратегии и знаење за извоз доведува до тоа производите тешко да се позиционираат надвор од локалниот пазар.
Финансиската и кредитната поддршка претставуваат една од критичните алки во развојот на примарното земјоделство и на преработувачката индустрија. Преработувачките капацитети без финансиска поддршка тешко можат да инвестираат во модернизација и во сертификација на производи кои се неопходни за извоз.
Бизнис дијагностиката претставува современа алатка што им овозможува на компаниите да ја согледаат својата реална состојба и да ги идентификуваат клучните предизвици што ги ограничуваат нивната продуктивност и конкурентноста. Оваа услуга не се сведува само на анализа на финансиски податоци туку опфаќа и целосен преглед на работењето, т. е. на оперативните процеси: организациска структура, управување со ресурси и енергетската ефикасност, справување со отпадот и зачувување на животната средина, маркетингот и продажбата, логистиката и извозните можности и, секако, стратешкото управување преку визијата, целите и плановите за развој на компаниите.
Всушност, оваа алатка е аналитичка алатка која овозможува систематска проверка на работењето на една компанија. Со неа се идентификуваат силните и слабите страни, можностите и ризиците, со цел да се откријат потенцијали за подобрување на продуктивноста, на ефикасноста и на профитабилноста, односно се добива целосна слика за работењето. Првата можност што ја отвора е подобро управување со интерните ресурси. Преку идентификација на слабостите како што се високи трошоци на производство, недоволна механизација или слаба организација, компанијата добива насоки за рационализирање на процесите. Втората придобивка е јасно дефинирање на стратешките приоритети. Со неа тие добиваат структурирана анализа која покажува каде треба да се вложи: дали во модернизација на производството, во обука на вработените, во дигитализација или во развој на нови производи.
Третата клучна можност е подобрување на пазарната ориентација. Дијагностиката може да открие празнини во маркетинг-стратегиите и да укаже на неопходноста од брендирање, од сертификација или адаптација на производите кон барањата на странските пазари. Со јасни дијагностички резултати, компаниите можат полесно да ги оправдаат своите потреби пред банки, инвеститори или државни и европски фондови.
Систематскиот пристап кон анализата и унапредувањето на работењето може да одигра значајна улога во подобро искористување на потенцијалите за извоз на македонските преработувачи на храна. Многу македонски производи се со висок квалитет, но поради недоволна промоција остануваат невидливи на странските пазари.
Бизнис дијагностиката не е трошок, туку инвестиција. Таа им овозможува на компаниите да растат, да се зајакнат и да бидат подготвени за идното работење.
Целиот ПРИЛОГ прочитајте го на ЛИНКОТ
прилогот го подготви: Митко Јовановски
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.