Бизнис

БИЗНИС ДИЈАГНОСТИКА | Во македонските компании се појавува нов тип лидерство

Разговор со Лазар Ѓуров и Мирјана Ѓорѓиевска Ѓуров, Институт СИМБИОТИКА

Бизнис дијагностиката во подобрување на лидерството и на организациската култура кај МСП

Како може бизнис-дијагностиката да помогне во подобрување на лидерските вештини и генерално во намалувањето на отпорот кон промени и од самите вработени?

Бизнис-дијагностиката е првиот чекор во подобрувањето на организациското функционирање и на бизнисот во целост. Таа претставува сеопфатен преглед на компанијата низ сите клучни аспекти: финансиски, оперативни, структурни и културни. Преку комбинација на проверени методи и алатки како SWOT-анализа, интервјуа, анализа на процеси, 360° повратни информации и споредбени анализи, се добива јасна слика за реалната состојба и се предлагаат насоки за унапредување. Кога компанијата ќе ги види овие механизми отпорот кон промени значително се намалува бидејќи станува јасно дека целта е подобра работа за сите, а не критика на бизнисот.

Низ транзицијата компаниите беа водени од „социјалистички директори“ кои се прилагодуваа на пазарната економија. Дали овој процес е заокружен и имаме ли нов модел на бизнис-лидери?

Во изминативе децении, компаниите поминаа низ голема трансформација: од наследени модели на управување до постепено усвојување на принципите на современо управување. Сметаме дека транзицискиот процес сè уште не е целосно заокружен, но се појавува нов тип лидерство. Тука спаѓаат луѓе што свесно градат организациска култура, се поврзуваат, делегираат, создаваат услови за развој на тимот и сè повеќе ја сфаќаат својата улога како амбасадори на добра работна средина.

Големиот број на МСП во Македонија се почнати како мали семејни бизниси кои зависат од одлуките на еден човек. Колку овој начин на управување е во функција на натамошен раст на компанијата?

Кај малите и средните претпријатија, управувањето најчесто е концентрирано околу еден човек − сопственикот или сопственичката. Тоа е природно во почетокот бидејќи токму нивната визија и енергија ја движат компанијата. Меѓутоа, кога бизнисот расте овој модел станува ограничувачки. Често гледаме компании каде што сите одлуки минуваат низ еден човек, па тимовите стануваат зависни, а процесите забавуваат. Кога се воспоставуваат различни нивоа на одговорност организацијата почнува да расте многу побрзо. Генерациската смена е особено чувствителен момент. Во голем дел од семејните компании сè уште нема структуриран план кога и како новата генерација ќе преземе. Има примери кога новата генерација е подготвена, но не добива простор, или обратно, презема позиција предвреме. Успешните примери се токму оние каде што постои постепен пренос на одговорност, на менторство и на јасна поделба на улогите меѓу генерациите. Особено позитивен ефект има кога процесот е поддржан од надворешни експерти или бизнис-советници, кои помагаат во поставување структури, воспоставување доверба и креирање план за долгорочна одржливост на компанијата.

Колку во компаниите се посветува внимание на подобрување на лидерските вештини од највисокото, но и од средното ниво на раководители?

Во однос на лидерските вештини, сè повеќе компании сфаќаат дека тие не се „луксуз“, туку предуслов за здрав систем. Се инвестира во развојот на раководството, но и понатаму има голем простор за работа, особено во средното ниво на раководење каде што најчесто се губи поврзаноста меѓу тимовите и стратешките цели. За да се надмине ова потребна е системска поддршка: континуиран развој на раководните лица, подобра интеграција меѓу секторите, подобро структурирани процеси. Бизнис дијагностиката е првиот чекор кон тоа: таа создава основа за јасни приоритети и конкретен план за развој. Ако компанијата сака да знае каде точно се наоѓа и каде вреди да вложи напор, тогаш вистинскиот момент за дијагностика е токму сега.


 

Целиот ПРИЛОГ прочитајте го на ЛИНКОТ

прилогот го подготви: Митко Јовановски


 

Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано