Бизнис
БИЗНИС ДИЈАГНОСТИКА | Човечкиот капитал − срцето на продуктивноста во компаниите
Разговор со Наташа Ивановска, експерт за човечки ресурси, Инсајт груп и Биљана Велевска, консултант за организациски развој, Самеримпекс Импулси
Економија и бизнис | печатено издание | 15 ноември 2025г.
Бизнис дијагностиката и управувањето со човечкиот потенцијал, со структурата и со организациската поставеност за зголемување на продуктивноста
Како деловната атмосфера и комуникацијата меѓу раководството и вработените влијае врз продуктивноста?
Наташа Ивановска: Деловната атмосфера е основа на секоја успешна организација. Кога вработените се чувствуваат вреднувани, слушнати и поддржани, тие се мотивирани да дадат повеќе од себе. Отворената комуникација меѓу менаџментот и тимовите создава чувство на припадност и на доверба. Тоа води кон подобра соработка, поефикасно решавање на проблеми и зголемена продуктивност.
Биљана Велевска: Во мојата работа со домашни компании често гледам дека примарните проблеми не се технички, туку најмногу релациски, комуникациски. Кога раководството не комуницира јасно или не е достапно се создава несигурност и незаинтересираност кај вработените и се нарушува довербата. Но, кога постои култура на отворен дијалог, каде што секој глас е важен, тогаш се гради силна организациска структура. Тоа е предуслов за долгорочен успех и развој на компанијата. Сепак, развојот го носат луѓето.
Дали сопствениците доволно вложуваат во развојот на човечки ресурси?
Наташа Ивановска: Вложувањето во активности насловени како „човечки ресурси“ сè уште не е приоритет за многу сопственици. Често се гледа како трошок наместо како инвестиција. Но, компаниите кои вложуваат во развој на вработените − преку обуки, менторство, советување и јасни кариерни патеки − имаат поголема стабилност, подобра репутација и повисока продуктивност. Развојот на човечкиот капитал треба да биде стратешка цел, не само оперативна активност.
Биљана Велевска: Во Македонија, особено кај малите и средните претпријатија, ЧР-функцијата често е сведена на административна улога. Но, токму тие компании имаат најголема потреба од систематски пристап. Кога ќе се дефинираат стратешките цели, па врз основа на нив и целите за развој на кадарот, се добиваат структура, предвидливост и можност за раст. Тоа е основа за одржлив развој и за конкурентност.
Кои алатки се најкорисни за подобрување на човечкиот потенцијал?
Наташа Ивановска: Бизнис-дијагностиката ни дава јасна слика каде лежат клучните тесни грла и предизвиците за бизнисот. Од тука тргнуваме кога компаниите бараат помош од нашиот тим за да се структурира најдобрата интервенција која ќе даде максимален ефект.
Потребно е вложување во системски пристап за работа со луѓето − поставувањето на систем за управување со учинокот, ЧР-софтвери за следење на учинокот, платформи за онлајн обука, системи за 360° повратна информација и системи за управување со таленти. Овие алатки овозможуваат персонализиран пристап, следење на развојот и подобра селекција. Тие се основа за градење на современ и на ефикасен ЧР-систем.
Биљана Велевска: Во поново време се спомнуваат штедливи (Lean) и агилни (Agile) методологии за подобрување и за усовршување на процесите, ЕСГ-индикатори за одржливост, интерни академии за развој на лидерски и на технички компетенции, како и алатки за организациска дијагностика. Кога компаниите ги интегрираат овие алатки тие не само што го подобруваат човечкиот потенцијал туку и ја зајакнуваат својата позиција на пазарот. Тука е клучно поврзувањето со стручни професионалци, бизнис-советници, кои работат на подобрување на вложувањата во развојот на човечкиот потенцијал како клучен фактор на успехот на компанијата.
Целиот ПРИЛОГ прочитајте го на ЛИНКОТ
прилогот го подготви: Митко Јовановски
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.