Општество
ЕВРОИНТЕГРАЦИИ | ДРАГАН ТИЛЕВ: Немаме време за (нови) грешки
Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2025г.
Живееме во време на неизвесност, кога историјата се пишува со црни букви, а судбините на малите држави и на народите, каква што е Македонија, се обликуваат од геополитичките интереси на големите сили, речиси целосно надвор од досегот на нашата моќ. Во овие времиња на брзи промени, а тие се секојдневни, не смееме да си дозволиме луксуз на наивност и на грешки бидејќи нема да имаме време да ги поправиме штетите. Лесно се руши, тешко се гради. Не велам дека „ќе нè нема“, но не е сеедно каква држава сме изградиле и каква ќе биде во иднина − држава во која младите ќе сакаат да останат и да градат или држава од која ќе сакаат да „избегаат“.
Иако економскиот напредок е многу важен, сепак државата не е претпријатие. Не можеме да прогласиме банкрот и да си „формираме“ нова држава. Таа не е акционерско друштво каде што бројките се доволни за да се измери успехот. Државата е многу посложен, жив организам кој дише преку среќата и задоволството на своите граѓани, преку слободата и демократијата, опстојува преку мирот и се легитимира преку правдата, еднаквоста и достоинството на своите граѓани и, пред сè, нивната безбедност.
Несомнено исклучително е важно и да се инвестира во нови материјални вредности и да се гради. Создавањето нови работни места е од големо значење. Но, уште поважно е да се зачува здравото ткиво на општеството, идентитетските корени, мултиетничноста, да се зајакнат институциите преку сузбивање на организираниот криминал, да се искорени корупцијата, да се врати довербата во правдата, да се унапреди образованието и да се заштитат младите и идните генерации од ризиците кои го загрозуваат нејзиниот потенцијал и предвидлив просперитет. Без овие цврсти темели, секоја инвестиција и економски раст е само привремен успех, а понекогаш и само материјална добивка за поединци. Нам ни требаат успешни претприемачи, но уште повеќе и колективни успеси, доверба во институциите. Целта е државата не само да живее подобро денеска, туку да живее долго, а за тоа ни се неопходни компетентна администрација и стабилни институции. Не треба граѓаните да „молат“ пред шалтерите за остварување на своите права, туку државата треба да им ги испорача услугите на граѓаните до прагот на нивните домови, каде и да се.
Нема подобар учител од историјата. Важно е да учиме од минатите искуства, но и од сопствените грешки. Се вртиме во круг и имам впечаток дека ги повторуваме истите стари грешки. Не можам да проценам дали сме лоши ученици, дали имаме слаба меморија или ниско ниво на разбирање за тоа кои се нашите стратешки приоритети.
Во 2005/2006 година ја пропуштивме можноста да го материјализираме тешко стекнатиот кандидатски статус и да ги започнеме пристапните преговори заедно со Хрватска. Фокусирајќи се само на изборите, заборавивме на државните интереси. Од 2008 година го носиме товарот на негативното искуство од Букурешт, кога беше оневозможено нашето заслужено членство во НАТО поради ветото од јужниот сосед. Тоа предизвика лавина на фрустрации кои придонесоа за ретроградни процеси и ерозија на демократијата во годините потоа. Во 2009 година, првата чиста препорака за почеток на пристапните преговори од Комисијата не ја сфативме доволно сериозно. Задоволни од визната либерализација, брзо се откажавме од притисокот кон земјите членки за почеток на преговорите. Заборавивме дека целта беше полноправно членство, а не само слобода на движење.
Тешко ги учиме лекциите и никако да се одвоиме од влијанието на локалните интереси наспроти потребата за препознавање и за афирмација на нашите меѓународни европски интереси. Не ја препознавме ниту се обидовме дипломатски да ја превенираме француската блокада за проширувањето во 2019 година, која беше насочена кон внатрешните реформи, а не само кон нас, но чии жртви, за жал, станавме токму ние и тоа кога веќе ги дадовме сите концесии кон Бугарија (2017) и кон Грција (2018). Грција ја исполни својата цел, име со додавка за севкупна употреба и делинеација на историските корени. Бугарија постигна дипломатски триумф втурнувајќи ги нашите билатерални отворени прашања во европскиот лавиринт од кој сѐ уште не успеваме да најдеме излез. Факт е дека остваривме една од нашите стратешки цели, станавме членка на НАТО, но не смеевме да си дозволиме да застанеме самозадоволно само со тој чекор.
Во 2020 година, се чини дека не разбравме дека вратата за почеток на преговорите е за нас широко отворена и тоа со едногласност на сите 27 земји членки. Но, од друга страна, поради слабото познавање на внатрешните процедури во Унијата, не сфативме и дека тоа е последниот воз за Бугарија да ги внесе своите билатерални барања во преговарачката рамка. Бевме недоволно претпазливи и дефанзивни, наивно верувајќи дека некој друг ќе ги реши отворените прашања наместо нас. Во 2022 година, повторно бевме убедени дека некој друг, прво Германија (Португалија, Словенија), а потоа и Франција ќе се погрижат за заштита на нашите национални и државни интереси. Се разбира, тоа не се случи и никогаш нема да се случи. Пријателите можат да ни помогнат, да ни дадат совет, да ни отворат некоја важна врата, но домашната работа никој нема да ја заврши место нас. Секој политичар мора да го понесе својот товар на историјата на сопствените плеќи. А кој тоа повеќе од самите нас би требало да ги препознава нашите национални црвени линии кои самите ги исцртавме во јуни 2021 година во нашето Собрание?
Минатите искуства оставија длабоки траги не само кај политичката елита туку и во колективната психа на граѓаните. Затоа денес, во 2025 година, кога повторно се соочуваме со историска крстосница, мораме да се прашаме дали ги научивме нашите лекции или повторно ќе губиме време со повторување на старите грешки.
Да нема заблуди, државните успеси се заеднички − колективни, како што се и сите предизвици, но и неуспеси. Одлуките во политиката имаат своја тежина и се долгорочни, а понекогаш последиците се и трајни и непоправливи. Можеме да се жестиме колку сакаме, како поединци можеме да искажеме и фрустрација, но тоа не го решава нашиот проблем. Ќе мора лидерите да се издигнат над фрустрациите, да размислуваат со ладни глави, да се фокусираат само на државните и на националните интереси, а тука место за жестење и за фрустрации на јавна сцена нема. Воопшто не помага кога по битката се прозиваме кој е повеќе виновен за неуспехот или кој има повеќе заслуги за успехот. Кога државата е во прашање граѓаните се тие кои имаат право да ги носат чувствата на задоволство или на фрустрација дома и да живеат со нив. Политичарите се менлива и минлива категорија, но додека се на власт со моќ да одлучуваат, од нив се очекува да се вложат во државните интереси, да ги одбранат нашите црвени линии, но и да обезбедат просперитет и подобар живот. Тие немаат право на фрустрации. Владите ќе ги паметиме само по големите работи, по државните проекти, а малите проекти кои, секако, се од животна важност на локално ниво нека останат во рацете на локалната власт.
Речиси сите политичари зборуваат за „европска перспектива, европски вредности, европски стандарди“, но дали има и разбирање што значи тоа навистина во пракса, во секојдневниот живот. За нас, за секој граѓанин, тие вредности не би требало да се третираат како луксуз, туку како потреба. Членството во ЕУ не е само формално влегување во една заедница на нации. Тоа е симбол на опстанок, на еднаквост, на достоинство. Тоа значи конечно признавање дека припаѓаме таму каде што отсекогаш сме припаѓале, во Европа, со сите права, но и со сите обврски и одговорности.
Сепак, реалноста на теренот секојдневно нѐ потсетува на предизвиците со кои се соочуваме. Една од најгорливите точки, спорот со Бугарија, наместо да се решава како да се продлабочува. Не е време за создавање нови непријатели, туку пријатели, и меѓу земјите членки, но и во европските институции. Македонија наназад со децении нема поголем стратешки договор од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, немаме поголем пријател од Европската комисија. Претседателот Урсула фон дер Лејен, комесарот за надворешна политика Калас и комесарот за проширување Кос, со директорот за проширување Копман, се нашите вистински адреси. Некои теми се за јавност, но некои теми се само за затворени врати, сè додека не „созреат“. Да, на крајот одлучуваат земјите членки на маса на која, за жал, сè уште нема столче за нас. Дотогаш нашиот глас во институциите на ЕУ е Комисијата. Политиката и дипломатијата во рамките на Унијата имаат свои правила и сметам дека досега би требало да се научени.
Деновиве сме сведоци на „драма“ во Европскиот парламент. Кога овој текст ќе се објави, епилогот, каков и да е, ќе ѝ биде познат на јавноста, но горчината ќе остане долго во устата, а ехото на непримерниот национализам и атак на нашите идентитетски обележја ќе одекнува уште долго во ходниците на Европскиот парламент и во некои главни градови. За жал, лично сметам дека дебатата се отвори во несоодветен момент, токму кога сите говорат за позитивниот моментум креиран за прием на нови земји членки, а тоа се случува еднаш во 10 до 20 години. Вистинското место за наша силна дипломатска акција е Советот на ЕУ и неговото претседателство (во моментов тоа е Данска), Европската комисија, Париз, Берлин, Рим, Варшава, Мадрид, групата на пријателите на проширувањето. Наша стратешка, државна и национална цел е да го фатиме приклучокот со Црна Гора, со Албанија и со Молдавија, а не да ги разгоруваме страстите во Европскиот парламент давајќи им простор и платформа на националистите и на антиевропските елементи да ги користат нашите идентитетски обележја како монета за поткусурување. Не смееме да дозволиме тридеценискиот напор да ни падне во вода, не смееме да дозволиме да ги повторуваме грешките од минатото.
Времето не работи во наша корист. Не можеме да предвидиме што ќе се случи во 2030 година, ниту во 2040 година, но сметам дека е клучно што можеме да направиме денес, идната недела, следната година. Оваа влада, оваа дипломатија, оваа политичка елита има задача да спречи уште една историска грешка. Дали ќе успее нема гаранции и не можеме да ги очекуваме од кого било. Но, должност на политичката елита е да ја разбере тежината на историскиот момент, на стратешкиот предизвик и на глобалните политички движења, но и да е целосно свесна за нашето место во тие глобални поместувања. Политичкиот компас е поважен од емоциите.
Историјата ги наградува храбрите, но ги казнува наивните. Мораме да разбереме дека геополитиката е шаховска партија која се игра еднаш во текот на човечкиот живот. Во шахот нема милост, секоја грешка скапо се плаќа. А ние не сме толку економски богати, ниту политички моќни за да си дозволиме уште една грешка или пораз.
Не е време за повлекување во национални и во локални рамки, не е момент за дефетизам. Напротив, ова е време за офанзива, за проактивност, за излегување надвор од границите, во регионот, во ЕУ, но и кај нашите стратешки партнери САД и Велика Британија, со коректен наратив, со политичка визија, со издржани аргументи. Зборовите брзо ветреат, потребни се пишани документи. Време е да се тропне на секоја врата, да се проверат вистинските пријатели, впрочем да се даде простор и да се стави на тест способноста на нашите политички елити, капацитетот на дипломатијата, стручноста на академската фела, способноста на бизнис-заедницата да се избори за својата перспектива. Време е за ставање на младите во функција на остварување на нашите, но уште повеќе нивните цели, и одбрана на државните и на националните интереси.
Водење држава не е лесна работа, одговорноста е огромна. Се работи за секојдневна стратешка, дипломатска и морална битка за која е потребна мудрост, многу знаење и голема упорност. Време е за будење од сонот во кој полека, но сигурно тонеме. Инаку ризикуваме наскоро навистина да станеме „беспредметни, незабележливи и неважни“. И тоа не по вина на другите, туку по наша вина.