Продолжениот викенд и традицијата за прославување на Денот на трудот во Хрватска, предизвика големи колони од возила на граничните премини и автопатите во правец на морето, објави ХАК. Возачите се предупредени за можни застои и метеж. Според податоците на ХАК, пред Лучко се формира колона долга од три километри во правец на морето, од правец на Јадранска авенија околу еден километар, а од правец на Загреб Запад околу еден и пол километар. Зголемен сообраќај е забележан и на автопатот А1 помеѓу клучките Лучко и Босиљево 2 во правец на морето, каде што возењето е бавно со повремени застои.
Додека повеќето граѓани се подготвуваат за продолжениот првомајски викенд и планираат што ќе има на скарата, за некои жители на Загреб со денови се одвива вистинска логистичка операција – обезбедување на идеалното место за традиционалната прослава на Јарун. Во средината на овие подготовки, вниманието го привлече реклама на социјалните мрежи.
„Дали има некој што би сакал да се грижи за место на Јарун од четврток до петок? Такса – 50 евра“, се вели во кратка објава што се појави во група од студентски дом во Загреб. Некои веднаш одговорија, други побараа 100 евра, а имаше и такви што се обидоа да ja добијат работата за 30 евра.
Иако изгледа како шега, секој што е запознаен со загрепската традиција на прославување на Денот на трудот на Јарун знае дека ова е сосема реална потреба. Секоја година во пресрет на Први мај, многумина пристигнуваат рано за да ги зафатат летниковците, масите и покриените површини покрај езерото, а најпосакуваните локации често се резервираат претходната вечер, а некои буквално остануваат преку ноќ.
Јарун е едно од централните места за прослава на Први мај во Загреб со децении. За многу семејства и групи, тоа е неизбежен ритуал што вклучува пристигнување рано наутро, распакување храна и пијалоци, подготовка на скара и поминување на целиот ден дружејќи се со музика и спорт. Сепак, како што бројот на посетители расте од година во година, борбата за најдобрите позиции се интензивира.
Поради големата заинтересираност на граѓаните за прославување на Денот на трудот, медиумите во хрватска објавуваат и совети колку месо да се подготви за празничната скара.
Ако сте задолжени за организирање, пред да одите во месарница, најважно е да го процените бројот на гости. Треба да се земе предвид и составот на друштвото. Општо се претпоставува дека возрасните мажи јадат малку повеќе, жените малку помалку, а децата значително помалку.
Според вообичаената практика, доволно е да се испланира помеѓу 300 и 400 грама сурово месо по лице. Важно е да се има предвид дека месото губи околу 30 проценти од својата маса за време на печењето.
Количината зависи и од видот на месото. За ќебапи, плескавици и друго месо без коски, доволно се околу 300 грама по лице. Ако подготвувате месо со коски, како што се котлети, сметајте на околу 400 грама. За пилешко месо се препорачуваат околу 500 грама сурово месо по лице.
Фото Економија и бизнис






