Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денес посочи дека банката би можела да размисли за зголемување на каматните стапки уште во јуни.
ЕЦБ ги задржа сите три клучни каматни стапки на исто ниво – референтната каматна стапка за депозити на два проценти, каматната стапка за главните операции за рефинансирање на 2,15 проценти и каматната стапка за маргиналната кредитна линија на 2,4 проценти, со образложение дека сè уште нема доволно цврсти докази во економските податоци за да се оправда затегнување на монетарната политика.
Како што изјави Лагард, Советот на гувернери одржа детална дискусија за можното зголемување на каматните стапки.
Во изјава по седницата, ЕЦБ нагласи дека ризиците за инфлацијата се зголемиле, додека изгледите за економски раст се ослабени, особено поради прекините во снабдувањето со енергија предизвикани од конфликтот и ситуацијата во Ормускиот теснец.
„Иако добиените податоци се претежно во согласност со претходните проценки за инфлацијата, ризиците од нејзиниот раст се зголемија, додека ризиците за економскиот раст дополнително се влошија“, се наведува во соопштението.
ЕЦБ предупреди дека продолжениот конфликт и високите цени на енергијата би можеле да имаат уште посилно влијание врз инфлацијата и целокупната економија.
Инфлацијата во Еврозоната веќе ја надминува целта од 2 проценти, а се очекува нејзин понатамошен раст во наредните месеци, додека економските индикатори покажуваат знаци на забавување. Долгорочните очекувања за инфлација остануваат стабилни, но краткорочните очекувања за инфлација значително се зголемија.
Инвеститорите сега проценуваат дека ЕЦБ би можела да ги зголеми каматните стапки три пати во следната година, што би ја зголемило каматната стапка на депозити на околу 2,75 проценти. Покрај тоа, банката ги задржа каматните стапки за кредити на банките преку неделни и дневни операции на нивоа од 2,15 и 2,40 проценти, пренесува Н1.
Фото Економија и бизнис





