ВAЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА СИТЕ ШТО ПАТУВААТ ВО ГРЦИЈА ЗА 1 МАЈ, се одржува 24-часовен национален штрајк

На 1 мај во Грција ќе се одржи 24-часовен национален штрајк по повод Денот на трудот, организиран од Панхеленската поморска федерација (ПНО), на кој ќе се придружат работниците во поморскиот и јавниот транспорт.

За време на штрајкот во Грција, сите бродови ќе бидат закотвени од 00:01 до 24 часот, што целосно ќе го запре крајбрежниот и поморскиот сообраќај на кратки релации и ќе влијае на движењето на патници и стока, објави Прототема.

Покрај поморскиот сектор, синдикалните протести ќе влијаат и на железничкиот и градскиот транспорт.

Метрото, трамваите и приградските железници нема да сообраќаат во текот на целиот ден, додека возовите и приградските линии ќе бидат целосно запрени.

Автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат само делумно, во временските интервали помеѓу 9 и 21 часот, поради дополнителни суспензии од работа на возачите и вработените во транспортот.

Синдикалните организации изјавија дека главните барања на штрајкот се подобрување на колективното договарање, зголемување на платите преку колективни договори, како и зајакнување на безбедноста и условите за работа во поморскиот и транспортниот сектор.

Исто така, се бара модернизација на инфраструктурата, обновување на железничката мрежа, поголеми инвестиции во јавниот превоз и трајно вработување на работници за покривање на потребите на системот, пренесуваат медиумите во регионот.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано