Националната конференција на тема „Колку е спортот безбеден? – Препознавање на родово базирано насилство и механизмите за заштита на жените во спортот“ ќе се одржи денеска со почеток во 10 часот во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје.
Целта на конференцијата е отворање јавна и стручна дискусија за родово базираното насилство во спортот, постоечките механизми за заштита, како и улогата и обврските на националните спортски федерации во воспоставување јасни системи за превенција и справување со овој проблем.
Во рамки на настанот ќе се одржат повеќе панел-дискусии, на кои ќе говорат претставници на граѓанскиот сектор, експерти за човекови права, активни спортистки и претставници на национални спортски федерации. Меѓу говорничките се Силвија Митевска од „Спорт Соушл Солушнс“ и експертката за човекови права Неда Чаловска, како и спортистките Ирина Дишовска, Теа Терзиевска и Радмила Јованова, кои ќе споделат лични искуства и реалности од спортската кариера.
На панелот посветен на улогата на федерациите ќе учествуваат Горан Мицкоски од Џудо федерацијата, Елена Зисовска од Македонскиот олимписки комитет и Јордан Тасевски, претседател на Стрелачката федерација, кои ќе зборуваат за институционалните одговори и можностите за зајакнување на механизмите за заштита.
Во фокусот на конференцијата ќе биде и улогата на „Safeguarding Officers“ – обучени лица во рамки на спортските федерации кои делуваат како контакт точки за пријавување и поддршка во случаи на родово базирано насилство, а свои искуства ќе споделат Катерина Попева од Бодибилдинг и фитнес федерацијата и Могамед Ибрагимов од Боречката федерација.
Конференцијата се организира од „Спорт Соушл Солушнс“ со поддршка од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
Извор/фото МИА






