МЕГА ИНТЕРВЈУ | Кутуди: Трансформација врз силни темели: Следната фаза на Стопанска банка

Мега интервјy со Хрисула Кутуди, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка

Неодамна бевте назначени за генерален извршен директор и за претседател на Управниот одбор на Стопанска банка. Можете ли да ни кажете повеќе за вашата професионална кариера и за искуствата што го обликуваа вашиот лидерски пристап?

Х. Кутуди: На функцијата доаѓам по повеќе од три децении меѓународно банкарско искуство при што извршував високи раководни позиции, генерално во НБГ Групацијата. Мојата кариера е длабоко вкоренета во корпоративното банкарство каде што управував со обемни портфолија на корпоративни, на мали и на средни претпријатија и на синдицирани пласмани − бев одговорна за портфолија во износ од околу 5 милијарди евра. Дополнително управував со иницијативи поврзани со стратегијата за нефункционални кредити. Во последниве години, мојот фокус беше насочен кон развој на производи засновани на иновативни дигитални и вградени банкарски решенија.

Освртот кон наплатата, по 25 години поминати во кредитирање, помогна да создадам многу холистички пристап кон управување со портфолија и со ризици, додека можноста да ги применам моите знаења и искуства од корпоративниот сегмент во делот за банкарство на мало се покажа како особено значајна, со голем поттик за иновативни идеи и понапредни дигитални можности.

Во текот на мојата кариера раководев со различни комплексни проекти, вклучително и големи инвестиции − примарно во инфраструктура, енергетика и туризам, како и интерни иницијативи меѓу различни организациски делови, сериозни програми за трансформација и за реорганизација, управување со повеќе засегнати страни и координација на тимовите низ амбициозната агенда и променливите пазарни услови.
Бидејќи дел од младоста го поминав во Германија, пред да се вратам во Грција, изложена бев на структуриран и на адаптивен општествен и деловен контекст што значајно влијаеше на мојата отпорност и отвореност кон промени, идентификување на различни пристапи и способност да се приспособам кон различни култури и општества.

Сите овие искуства имаа влијание во формирањето на мојот лидерски стил кој се темели на три принципи: инклузивно управување со директен ангажман во сѐ што е суштински важно за организацијата, дисциплина во спроведувањето на стратегијата и отчетност на сите нивоа.

Назначувањето за генерален извршен директор и за претседател на Управниот одбор на Стопанска банка за мене претставува огромна чест, но истовремено и голема одговорност. Стопанска банка е институција со богата историја, со одлична репутација и со улога која далеку ги надминува финансиските услуги. Банката е столб во економскиот и во општествениот живот на земјата.

На чело на една од најдоверливите финансиски институции во државата, мојот фокус е кон тоа Банката да продолжи да расте прудентно, да продолжи да гради врз своите силни темели, почитувајќи ги постигнатите резултати и поставувајќи основи за пофлексибилна, поотпорна институција силно ориентирана кон привлекување на таленти и испорака на иновации.

Банката отвори ново поглавје со целосно обновениот Управен одбор. Кои се клучните приоритети на тимот и какви промени можат да очекуваат клиентите и пазарот?

Х. Кутуди: Изминатиот период беше одбележан со бројни промени за Стопанска банка – ги поставивме стандардите потребни за одржување на лидерската позиција на пазарот.

Именувавме шест нови членови на Управниот одбор, ја започнавме нашата сеопфатна Програма за трансформација фокусирана на унапредување на технолошката инфраструктура и на чекор сме до отворање на нашата нова управна зграда и започнување на нов циклус модернизација и реконструкција на целата мрежа на филијали.

Нашиот приоритет е јасен: да продолжиме да обезбедуваме одржлив раст преку иновации, оперативна извонредност и подобрено искуство за клиентите. Обновениот и проширен Управен одбор е структуриран токму за да ја поддржи оваа амбиција − со комплементарна експертиза, со нова енергија и со заедничка посветеност да ја води Стопанска банка кон иднината, користејќи ги на најдобар начин искуствата и синергиите од припадноста во НБГ Групацијата.

Најважно е што клиентите веќе ги чувствуваат првите промени − меѓу нив, воведувањето на SEPA-платежните услуги, OneID дигиталната услуга за ажурирање на податоци на клиентите, Apple Pay, како и имплементацијата на нашиот нов модел на услуги создаден да обезбеди персонализирано искуство за клиентите.

Овие беа првите чекори, но тие ја прикажуваат насоката по која се движиме. Понатаму, нашиот фокус останува на:

  • унапредени дигитални процеси, со интегрирани дигитални услуги од почеток до крај за физички и за правни лица;
  • богата и персонализирана понуда на производи, подобрени сервисни модели и унапредени канали, со цел проширување и продлабочување на соработката со клиентите;
  • побрзо и поефикасно донесување одлуки, поддржано од подобрена аналитика и подобрени процеси.
    Целта е јасна: да продолжиме да создаваме вредност за клиентите, за заедницата и за пазарот, истовремено градејќи модерна и иновативна банка.

Дигитализацијата го трансформира банкарството. Каде ја гледате Банката и кои се следните клучни чекори? Каква улога ќе има ВИ во унапредувањето на работењето и во корисничкото искуство?

Х. Кутуди: Технологијата е составен дел од сè што работиме. Како и во многу други сектори и банките се во процес на интегрирање на технологија во сите сегменти од своето работење со цел да обезбедат беспрекорно, персонализирано банкарско искуство достапно 24/7.

Во таа насока започнавме значаен инвестициски циклус за периодот 2025 − 2028 година, со јасен фокус на унапредување на нашите основни системи и понуда на нови производи и услуги. Ова не претставува мала промена, туку суштинска, структурна трансформација на начинот на кој функционира Банката. За нас тоа значи повторно осмислување на искуството на клиентот во целиот тек на соработка, постигнување оперативна извонредност и ориентација кон покомплексни задачи со повисока додадена вредност. За нашите клиенти, тоа ќе значи проширена палета производи и унапредени услуги прилагодени на индивидуалните потреби, подобрено корисничко искуство со напредни дигитални функционалности, како и нови 24/7 зони со банкомати со дополнителни функции. Секако, врвен приоритет остануваат транспарентноста, како и безбедноста.

ВИ ќе биде вградена во трансформацијата, сè уште сме во раните фази, но сите вработени веќе имаат пристап до основни ВИ-алатки, а во тек е истражување на можностите за следните чекори.

Она што е важно да се нагласи е дека нашите вработени имаат централна улога во овој процес: тие треба да ги вклопат алатките во секојдневното работење на структуриран и на координиран начин, да го надгледуваат нивниот резултат и да обезбедат одговорна и добро контролирана примена. Соодветна обука и постепениот, внимателен пристап се од суштинско значење.

Очекувањата од ЕСГ растат глобално. Како се интегрирани овие принципи во стратегијата и во процесот на одлучување во Банката?

Х. Кутуди: Стопанска банка не е само системски значајна банка, туку институција со голема важност и придонес во развојот на културниот, на едукативниот, на социјалниот живот и на подобрувањето на животната средина.

Оттука ЕСГ-принципите не се новина, ниту само регулаторен тренд. За нас тие се јасна стратегија и визија кон влијанието кое го имаме врз животната средина, како се грижиме за заедницата и како градиме структура и одржуваме моќно корпоративно управување.
Во таа насока, во однос на животната средина нашиот фокус е концентриран на:

  • континуирано намалување на емисиите на штетни гасови на Банката преку унапредување на инфраструктурата, опремата и свесноста на вработените во поглед на сите активности,
  • финансирање на енергетски ефикасни проекти (енергетска ефикасност на згради, миграција на возни паркови и сл.) и проекти за обновливи извори на енергија,
  • поддршка во транзицијата на компаниите кон примена на еколошки технологии и
  • интегрирање на ризиците поврзани со климатските промени во управувањето со кредитниот ризик.
    На страната на поширокиот придонес кон општеството (S), остануваме посветени со насочени иницијативи со големо влијание − во културата, во животната средина, во здравиот начин на живеење и во поддршката на лицата со попреченост. Во таа насока:
  • Една од најзначајните нови иницијативи беше потпишување на Меморандум за соработка со Министерството за култура и туризам за дигитализација на Природонаучниот музеј во Скопје. Преку тригодишна програма за поддршка помагаме во модернизацијата на една од најзначајните културни институции.
  • Оваа година одбележуваме 10-то издание од нашиот најголем и најпрепознаен ООП настан „Вози право, вози здраво“. Ефектот од оваа иницијатива е видлив, а изградбата на детскиот велодром во Кочани е веќе во почетна фаза.
  • Паралелно, преку платформата „Сонуваме. Менуваме“, нудиме годишна поддршка за организациии и за асоцијации кои работат со лица со попреченост овозможувајќи им подобри услови за едукација, за терапии и за интегриран развој.
    Овие иницијативи се поддржани од силно и јасно поставено корпоративно управување (G) основано на транспарентен начин на одлучување, интензивни интерни контроли и усогласување со НБГ Групацијата и со локалната регулатива.
    Нашите ЕСГ-активности се одраз на имиџот на Банката − одговорна, напредна и длабоко вклучена во заедницата од која потекнува.

Банката нскоро ќе се пресели во новата управна зграда. Што значи оваа инвестиција за вашата долгорочна визија и за организациската култура?

Х. Кутуди: Новата управна зграда е олицетворение на „банка од иднината“ што е мотото на нашата трансформација: стабилна, модерна и на врвот. Објектот ќе биде дом на сите сегашни и идни тимови и ќе понуди платформа за ефикасна работа, подобра поврзаност на тимовите и работна средина која негува иновација, транспарентност и соработка. Однадвор, пак, зградата ќе биде одраз на стабилност, на амбиција и на долгорочна посветеност на домашниот пазар.

Со својата уникатна архитектура и изведба − надополнета со LEED-сертификат и изградена според C&E-стандарди, зградата ќе биде симбол за градот, гордост за сите нас од Стопанска банка. Вработените добија поефикасно и пријатно катче за работа, на клиентите им понудивме пофункционални и отворени простории што за нас е од огромно знаење.

Дополнително, со оглед на тоа што градежните работи беа спроведени од локални компании, ефектот од инвестицијата придонесува за пошироката економија, а тоа секогаш е наша главна цел.

Преселбата ќе биде сигнал дека Банката се движи напред, со амбиција да остане водечка модерна финансиска институција на пазарот, привлечно место за вработување во кое вработените се водечка сила.

Како се развива профилирањето на ризикот на Банката? Дали гледате поголем притисок во некои специфични сектори или клиентски сегменти?

Х. Кутуди: Профилот на ризик на Банката останува стабилен, со воспоставено високо ниво на контрола, поддржан од постојани ниски нивоа на нефункционални изложености и долготрајна култура на прудентно управување со ризиците – целосно усогласена со очекувањата за една системски значајна банка.

Одржување на високиот квалитет на портфолиото е еден од стратешките приоритети на Банката.

Банката има воспоставено цврста и робустна рамка за управување со ризици, која постојано се подобрува со цел да ги отслика регулаторните промени, новонастанатите ризици, како и најдобрите практики, обезбедувајќи отпорност кон ризиците што го поддржува одржливиот раст.

Ова е клучна предност на Стопанска Банка која се отсликува преку прудентната оценка на кредитоспособноста, внимателно и одговорно управување со ризиците и know-how, практики, политики и алатки кои ни се на располагање и ги користиме од НБГ Групацијата..

Истовремено, oпкружувањето станува се посложено и подинамично. Ризиците не се задолжително повисоки, но стануваат се поспецифични за одредени сектори, што подразбира потреба од навремено дејствувањеПоради тоа, ние ставаме акцент на следење одблизу и рано идентификување на потенцијалните притисоци, со посебно внимание на актуелните случувања и геополитичките ризици што произлегуваат од кризата на Блискиот Исток. Портфолиото на Банката е стабилно и отпорно, но сепак, макроекономските случувања опфатени преку ефектите на прелевање што произлегуваат од нарушувања во снабдувањето со енергија, особено цените на нафтата и трошоците за суровини, се клучните ризици доколку конфликтот не се разреши наскоро.

Покрај сè, нашиот пристап останува балансиран: одржување на строга дисциплина во управување со ризиците додека остануваме во поддршка на одржливи проекти на нашите клиенти. Оваа комбинација на цврсти основи и проактивно управување ни дозволува да останеме истрајни и добро позиционирани за да обезбедиме поддршка за клиентите и за економијата во сите можни сценарија.

Кои се вашите очекувања за претстојниот период и каде ги гледате најголемите можности за Банката и за пошироката економија?

Х. Кутуди: Глобално гледано, економскиот контекст останува исполнет со предизвици − преку забавениот раст во Европа и преку континуираната нестабилност на цените на енергентите и на каналите за снабдување. Нашата економија останува стабилна, но нагласено осетлива на екстерните фактори.
Наспроти сето тоа гледаме повеќе полиња со можности кои може да донесат позитивен момент за пошироката економија ако се спроведат дисциплинирано и фокусирано.

За почеток, енергетската транзиција и т.н. „зелени“ инвестиции, каде што побарувачката за финансирање се очекува значително да порасне, е сектор каде што Стопанска банка може да игра битна улога.
Потоа доаѓаат инфраструктурни и капитални иницијативи и инвестиции. Подготвени сме да го поддржиме и јавниот и приватниот сектор во овие развојни проекти кои ќе придонесат за стабилноста на домашниот пазар, ќе отворат работни места и ќе помогнат да се зачува човечкиот потенцијал во нашите граници − капитал кој значително е намален по интензивни години на емиграција на високоедуцирани, вешти и амбициозни професионалци.

На трето место е дигиталната трансформација на бизнис-секторот, посебно на малите и на средните бизниси каде што сè повеќе ја играме улогата на финансиски советници и даваме структурна поддршка.
Како системска банка, нашата улога е поширока од финансиската − фокусирани сме да понудиме стабилност, да поддржиме одржливи економски иницијативи и да придонесеме за отпорноста на финансискиот систем. Во тој контекст, додека макроекономските и геополитичките окружувања налагаат внимание, домашниот пазар нуди добро поставени можности за банките кои имаат капацитет и одговорност.

Доаѓате од НБГ Грција, па како ја доживувате улогата на Стопанска банка во продлабочувањето на соработките меѓу двата соседа?

Х. Кутуди: Верувам дека потенцијалот за соработка меѓу соседните земји е темелно анализиран и прифатен од сите страни, а фактот што повеќе од 25 години НБГ е присутна на пазарот преку Стопанска банка е јасен и силен сигнал за посветеноста и за довербата на Групацијата.

Можност е зајакнување на соработката на целен начин. Гледаме голем потенцијал во посредување на прекугранични инвестиции, поддршка на заеднички проекти од областа на енергетиката, на инфраструктурата, на туризмот и на индустриските зони. Потоа можна е и подлабока интеграција на финансиските пазари, попрецизно координирање на регулативните рамки и заеднички инцијативи.
Стопанска банка со своето темелно познавање на условите на двата пазара може да биде моќен двигател во соработката искористувајќи ги притоа знаењето и искуството на НБГ во Европската Унија.

Гледајќи напред, која е вашата визија за Стопанска банка?

Х. Кутуди: Нашата визија е јасна и постојана − Стопанска банка да продолжи да биде доверлива, напредна системска банка која е длабоко вткаена во опкружувањето. Наша цел е постојан раст преку идентификување на Банката како модерна, агилна и банка фокусирана на клиентите.

Комерцијалниот и оперативен успех ги планираме преку испорачувањето на напредно корисничко искуство со иновативни производи и услуги кои се од додадена вредност за клиентите, преку конкурентни понуди и нови дигитални канали со персонализирани искуства − сето ова црпено од синергијата која ја имаме со НБГ Групацијата.

Во фокусот ќе продолжи да ни биде постојаното инвестирање во нашите кадри, создавајќи подинамична околина која поттикнува раст, одлични модерни услови за работа, напредни алатки и појасни остварливи цели. Нивната улога е одлучна во претворање на планираните промени во секојдневни резултати.
Како системска банка ќе продолжиме да бидеме столб на економијата, одржувајќи стабилност за финансискиот систем.


Разговараше: Митко Јовановски
Економија и бизнис, 15 април 2026г.


Stopanska banka – Mega Interview with Ms. Chrysoula Koutoudi CEO and Chairman of the BoD

Повеќе од истиот автор

Најчитано