Бројот на вработени над 65 години во Германија силно расте, а во последните пет години се зголемил за дури 46 проценти. Според податоците на Дестатис, денес работат околу 1,9 милиони граѓани во таа возрасна група, додека во 2020 година имало околу 1,28 милиони, објавува списанието Феникс.
Трендот на подолг престој на пазарот на трудот трае со години, а една од клучните причини е постепеното зголемување на законската возраст за пензионирање од 65 на 67 години. Во моментов, таа граница достигна 66 години и два месеци, а пониските пензии за оние кои ќе одлучат да ја напуштат работата порано претставуваат дополнителен поттик за работа.
Статистиката покажува и значително зголемување на бројот на вработени над 70 години. Така, во 2025 година работеле 653.000 луѓе во таа возрасна група, во споредба со 469.000 пет години претходно. Уште поинтересен е фактот дека бројот на вработени над 75 години пораснал на 229.000.
Аналитичарите го поврзуваат овој развој со неколку фактори, меѓу кои се недостатокот на работна сила, подобрата здравствена состојба на постарите лица, но и финансиската потреба. Сето ова укажува на промени во структурата на пазарот на трудот и зголемената улога на постарите работници во економијата.
Фото Економија и бизнис







