Добри практики во овоштарството
Современо одгледување на конкурентни органски производи со извозен потенцијал
Органското производство во Македонија започна пред повеќе од 25 години кога четири фармери од Охрид, од Куманово и од Струмица почнуваат со одгледување и со производство на храна според принципите на органското производство. Во текот на годините, интересот за овој тип производство меѓу фармерите постепено расте, зголемувајќи ја и производната површина. Во 2024 година, регистрирани се 904 органски производители со вкупна сертифицирана површина од 4 616 хектари. Посебен интерес е регистриран кај фармерите за одгледување на јаткасти овошја чии преработки се барани на европските пазари, овозможувајќи им поголема продажба и приходи на нивните производители. Македонија поседува поволни природни услови за одгледување на јаткасти овошја, посебно за бадеми, а како најпогодни се подрачјата во Валандово, во Дојран и во Демир Капија. Во моментов има 350 хектари со бадеми, од кои 80 проценти од насадите се родни. Семејната компанија „Балески Органик“, која е пионер во производство на органско овошје во земјава, долг период е посветена на развојот на проширувањето на насадите со бадеми во земјава преку примената на современи практики на одгледување на овошките. Денеска имаат над 20 различни типови производи како што се бадеми, путер од бадеми, кремови од бадеми, сушено овошје, јаболков оцет и друго, распределени во над 300 продажни места во земјава. Компанијата успешно ги пласира своите органски производи на меѓународните пазари во Германија, во Австрија и во Србија.
„Ние го продолжуваме семејниот бизнис кој започна во 2001 година со првиот сертификат за органска храна во државава. Почнавме со одгледување на јапонски јаболка, а набрзо потоа и со првите насади со бадеми. Предноста во одгледувањето на бадемот е што по бербата може подоцна да се преработува, за разлика од другите овошја“, вели Кристијан Балески кој, со братот Горан, е сосопственик во „Балески Органик“.
Ориентирани на современо премиум производство
„Балески Органик“ е ориентирана исклучиво на премиум производство со висок квалитет на своите производи и следствено повисоки цени. „Квалитетот на нашето органско производство ни овозможува да постигнеме повисоки цени за разлика од класичните производи на јаткасти производи. Цената на неоргански бадеми е 350 до 400 денари, а цената на органски бадеми е за 30 проценти повисока“, вели Балески.
Како резултат на успешното производство на квалитетни и на уникатни производи од бадеми и зголемената побарувачка на домашниот и на меѓународниот пазар, компанијата сѐ повеќе има потреба од проширување на нејзиниот производствен капацитет и зајакнување на соработката со другите органски производители. Во соработка со швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) се овозможи подобрување и усовршување на производствените процеси, зголемување на квантитетот и на квалитетот на производите од бадеми како на компанијата „Балески Органик“ така и на нејзините доставувачи и соработници. Преку поддршката на синџирот на снабдување се овозможува користење на автоматизирани услуги за собирање бадеми, намалувајќи ги трошоците за собирање за 75 проценти за секоја партнерска фирма.

„Набавивме и машини за резидбата на растенијата. Сега оваа активност се одвива неколку пати побрзо и од 45 дена ја сведовме на шест дена за сите насади од нашите членови. Беа организирани и обуки за правилна резидба на овошките. Со ова се подобрува продуктивноста и родноста за што придонесуваат и новите сорти кои цветаат по 15 април со што се намалуваат штетите од пролетните мразеви“, вели Балески.
Со примената на најновата технологија и опрема, компанијата успеа да ја зголеми својата продуктивност, да ги намали трошоците и да биде во можност да одговори на сѐ поголемите нарачки од странство.
„Како локални одгледувачи сакавме да се ориентираме кон производството на путер од бадеми. Но, немавме машини за поголемо производство. Порано се преработуваше по две-три литри на час, што беше многу напорно. Со таа количина не можевме да одговориме на побарувачката за кремови од нашите странски партнери од Германија и од Австрија. Со новата опрема може да се достигнат и до 40 литри на час и со тоа се подобрува продуктивноста, односно родноста на плантажите. Исто така, со цел примена на успешните практики во одгледување бадеми од Шпанија, беше ангажиран експерт од Шпанија, кој е четврта генерација во одгледувањето бадеми. Тој одржа неколку обуки во Македонија на кои учествуваа околу 200 производители од целава земја, кои се запознаа со начините како да го подобрат производството на плантажите“, вели Балески. „Подготвените материјали беа споделени и со други заинтересирани овоштари со што знаењето се прошири надвор од рамките на обуките и создаде поширока мрежа на поддршка за органското производство на бадеми.“

Обуки од меѓународен и од локален експерт: размена на знаења и на искуства
И покрај тоа што органското производство е долго присутно во нашава земја, сепак потребата од едукација и подобрување на начините на производство се неопходни меѓу фармерите. Поради тоа компанијата ангажираше и организираше обуки од искусни меѓународни и локални експерти кои беа посветени на подобрување на производствените, на постбербените и на преработувачките практики за производи од премиум бадеми. Воедно беше изработен и едукативен прирачник базиран на локална и на меѓународна агрономска експертиза, кој нуди практични совети за подобрување на практиките за одгледување бадеми.
„Имавме совети од експерти за аерација на почвата со длабоко орање до едно метро длабочина за да се овозможи поголема плодност. Бевме помогнати во набавка на напредна механизација за обработка на земјиштето. Донесовме три нови сорти од Шпанија, а истовремено работевме на создавање на матично одгледувалиште на бадеми и набавени се подлоги за сопствено производство за садници од новите сорти за потребите на членовите на задругата. На овој начин ќе се направи и замена на увозот на садници, кои се плаќаат по 6 до 7 евра за насад“, нагласува Кристијан Балески.
Голем интерес и потенцијал за одгледување бадеми
Потенцијалот на Македонија за одгледување бадеми е огромен, а моментално имаме околу 350 хектари со бадеми, од нив 80 проценти од насадите се родни. Примарната цел е од оваа површина да се постигне поголем принос кој би достигнал до два тона од хектар.
Со ангажирање на меѓународниот експерт, на овоштарите им беше претставен нов метод на одгледување и на производство со кој се овозможува континуирано и долготрајно користење на овошките. Претходно домашните насади можеа да се користат најмногу до 20 години и беше потребно нивно обновување.
За време на обуките, над 30 овоштари се стекнаа со методот за прилагодување на потребната висина на дрвото и за правилна селекција на здравите гранки. На овој начин се овозможува континуиран род, во просек 1,5 до 1,7 кг во јатка, додека со претходниот метод количината на родот низ годините не беше постојана и со ист квалитет. Новите практики ги намалуваат загубите при производството, како и трошоците за ангажирање на работна сила. Новите насади може да бидат заштитени од мраз и се самоплодни, што не беше случај кај традиционалните насади. Трошокот за производство по традиционален начин изнесуваше 1 300 евра по хектар, додека со новиот тој се намалува на 700 евра по хектар.

Задругата е целосно отворена за соработка и споделување знаење со сите што сакаат да започнат или да го унапредат производството на органски бадеми. Преку размена на добри практики, стручно советување и директна поддршка од искусните агрономи и технолози, задругата создава средина во која секој нов производител може побрзо да напредува и полесно да ги совлада предизвиците во органското производство. Особено значајно е што во процесот активно се вклучуваат и млади земјоделци кои, преку обуките и задругарската соработка, добиваат можност да стекнат современи знаења и практики.
Овој пристап не само што го зајакнува заедничкиот успех туку и придонесува за ширење на современи, одржливи методи на одгледување што ја подигаат конкурентноста на целиот сектор. На овој начин се гради долгорочна развојна перспектива за органското производство на бадеми, која ја зголемува конкурентноста на целиот сектор и ја позиционира Македонија како земја со растечки потенцијал во премиум органското овоштарство.
Проширување на производното портфолио и поголем пристап до меѓународните пазари
Како една од стратешките цели на „Балески Органик“ е натамошно подобрување на квалитетот на производите и воведување на најмалку десет нови производи во текот на следниве три години. Компанијата, исто така, инвестира во модерна опрема за преработка за да го зголеми производствениот капацитет и да создаде висококвалитетен путер од бадеми задоволувајќи ги меѓународните стандарди.
Покрај присутноста на меѓународните пазари, „Балески Органик“ паралелно работи и на проширување на сегашната продажна мрежа од 300 продавници, маркети и бензиски станици. Дополнително компанијата има цел да влијае и во проширувањето на навиките во исхраната на граѓаните преку давање совети за придобивките од производите од бадеми кои содржат висока протеинска вредност.
Потенцијалот на нашава земја за органското производство, особено на бадеми, е голем, имајќи ги предвид поволните климатски услови, како и конкурентната цена на македонските производи на странските пазари. За таа цел, неопходна е негова континуирана поддршка преку обуки, поволни финансиски услови, како и поддршка од надлежните институции. Во најновата програма за директни плаќања за 2026 година од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се зголеми финансиската поддршка на земјоделците, вклучувајќи ги и производителите на бадеми, што претставува дополнителен поттик за континуиран развој на квалитетно и на одржливо земјоделско производство, вклучувајќи го и органското.
Прилогот го подготви: Митко Јовановски
Економија и бизнис. 01 март 2026г.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, која ја спроведува групацијата Паладиум. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.









