Трошоците за домување сочинуваат една петтина од просечниот приход на домаќинството во Европската Унија. Во некои земји овој трошок е значително поголем и во Грција достигнува дури 35 проценти, според податоците на Евростат.
Зголемувањето на цените на кириите претставува огромен товар за граѓаните во ЕУ. Во текот на 2025 година, кириите во ЕУ се зголемија во просек за 3,1 процент, но во некои земји инфлацијата на кириите достигна двоцифрена бројка.
Каматните стапки на станбените кредити остануваат релативно високи и затоа повеќе домаќинства се принудени да изнајмуваат станови.
Во рамките на ЕУ, просечната стапка на раст на цените на кириите се движеше од еден процент во Финска до загрижувачки 17,6 проценти во Хрватска. Покрај Хрватска, инфлацијата на кириите беше исклучително висока во Грција (10 проценти), Унгарија (9,8 проценти), Бугарија (9,6 проценти) и Романија (8,2 проценти).
Освен Финска (еден процент), годишниот раст на киријата остана под просекот на ЕУ во Луксембург (1,6 проценти), Малта (1,7 проценти), Словенија (1,9 проценти), Германија (2,1 процент), Данска (2,2 проценти), Франција (2,3 проценти) и Шпанија (2,4 проценти). Од четирите најголеми економии на ЕУ, само Италија (3,8 проценти) забележа раст над европскиот просек, но за помалку од еден процентен поен.
Од друга страна, земји како Чешка (6,1 процент), Латвија (5,7 проценти), Литванија (5,6 проценти), Португалија (5,3 проценти), Шведска (5,3 проценти), Холандија (5,1 процент) и Словачка (5,1 процент) забележаа раст над 5 проценти.
Кога ќе се земат предвид земјите-кандидатки за ЕУ и членките на ЕФТА, Турција се издвојува како апсолутен рекордер меѓу 36-те набљудувани земји, со неверојатна годишна инфлација на киријата од 77,6 проценти. Колку Турција е пред сите, покажува фактот дека Црна Гора е на второ место со раст од 18,5 проценти.
Иако турската влада го ограничи растот на киријата на 25 проценти во јули 2022 година (мерка што траеше до јули 2024 година), тоа се врати како бумеранг. Сопствениците на недвижности се обидоа да ги надоместат своите загуби од старите станари со драстично зголемување на цените за новите станари, што ги зголеми просечните пазарни цени.
Источна Европа и Балканот забележаа значително поголем раст на цените за изнајмување од другите региони, со исклучок на Македонија (3,3 проценти). Силниот раст во земји како Хрватска и Црна Гора се објаснува со нивната зголемена привлечност како дестинации за долгорочно и краткорочно изнајмување, со што стануваат силен конкурент на традиционалните пазари како што се Шпанија и југот на Франција, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис







