Кавадарци е прва општина во државата, во која вендинг машина се поставува на јавен простор, градскиот пазар, истакна денеска во изјава за медиумите, кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Тој појасни дека Пакомак како општествено одговорна компанија донира вкупно 4 вендинг машини во општината, од кои последната е на зелениот пазар.
– Општината дополнително субвенционира 1 денар по шише, пластика и лименка што се рециклираат, при што 3 зелени поени изнесуваат 1.5 денари. До сега се рециклирани вкупно 90.000 единици, а 950 корисници веќе активно ја користат апликацијата, истакна Јанчев.
Тој нагласи дека овој проект е одличен пример како преку заедничка соработка може да се поттикне еколошката свест и да се создадат одржливи навики кај граѓаните.
– Апелираме до сите граѓани да ги користат вендинг машините правилно и одговорно, бидејќи секој рециклиран отпад значи чекор поблиску до почиста и поздрава животна средина. Да ја чуваме природата за нас и за идните генерации, порача Јанчев. свд/лв/
извор/фото: МИА







