проф. д-р Дарко Данев – сериозен кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Дарко Данев

Професорот од Машинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Дарко Данев, ја поднесе својата кандидатура за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за мандатниот период 2026 – 2029 година. Со богато академско и менаџерско искуство, Данев влегува во трката со визија за модерен и меѓународно конкурентен универзитет.

Данев во академската и пошироката јавност е препознаен како долгогодишен универзитетски професор и поранешен декан на Машинскиот факултет, функција што ја извршуваше во два мандата (2016 – 2023). Во тој период реализираше значајни институционални реформи и конкретни резултати, меѓу кои се издвојуваат вработување на 47 нови кадри и подмладување на наставниот и административниот состав, како и трајно решавање на долгогодишниот имотно-правен статус на факултетот.

Проф. д-р Дарко Данев е роден во 1971 година во Скопје, а целата своја академска кариера ја градел на УКИМ. Има остварено бројни студиски престои и специјализации во странство, меѓу кои во Шведска (Volvo), Германија (TU Braunschweig и TU Stuttgart), САД (FSU), Белгија (Vrije Universiteit Brussel) и во Јапонија (Kyushu International Center).

„УКИМ има капацитет да биде двигател на развојот на државата. Мојата цел е да изградиме универзитет кој ќе биде препознатлив по знаење, иновации и вредности, и кој ќе ги задржува и развива најдобрите млади кадри“, истакнува Данев во својата кандидатура.

Со оваа кандидатура, тој се вклучува во трката за прв човек на најстариот и најголем универзитет во државата, со јасна амбиција да го унапреди неговиот институционален и академски развој во наредниот период.

Повеќе од истиот автор

Најчитано