Министрите во Советот на министри на Босна и Херцеговина во понеделник не се согласија за предлогот за воведување заштитни мерки и царини за увоз на челик, па вработените во Новата железарница Зеница предупредија дека поради ова се доведени во прашање 11.000 работни места поврзани со нивното производство.
На дневен ред на седницата на Советот на министри беше предлогот на Министерството за надворешна трговија и економски односи за воведување привремени заштитни мерки за домашната челична индустрија за период од 200 дена, а исто така и привремено воведување царински давачки во износ од 20 проценти за увезениот челик.
Тој предлог, како што објасни министерот за надворешна трговија, Сташа Кошарац, не доби поддршка поради различни толкувања за тоа дали ги крши обврските што БиХ ги има според Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија.
Од железарницата во Зеница со недели бараат воведување заштитни мерки за нивниот челик, тврдејќи дека се изложени на нелојална увозна конкуренција од производители од Италија, Кина и Турција. Тие велат дека челикот увезен од тие земји има пониски цени благодарение на стимулациите што ги поддржуваат државите, додека никој не го штити домашното производство во Босна и Херцеговина.
Челичарницата во Зеница се соочи со дополнителни проблеми откако фабриката за коксирање во Лукавац беше затворена во февруари, па сега мора да го купат коксот потребен за производство на челик.
Доколку оваа ситуација продолжи, како што најавија, производството на челик во Зеница би можело да биде суспендирано уште во мај, што значи дека 2.000 вработени во железарницата таму ќе останат без работа, како и илјадници други во сродни дејности, вклучувајќи ги и железниците на ентитетите чиј приход зависи од транспортот на товар за железарницата.
„Ова е почеток на крајот не само за челичарницата во Зеница. Тука се и Железниците на Република Српска и Железниците на ФБиХ и многу други компании, а тоа се околу 550 работници“, изјави претседателот на синдикатот на челичарниците Рашид Фетиќ, пренесуваат медиумите во БиХ.
Фото Економија и бизнис






