Иран и Оман планираат да наплаќаат транзитни такси за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец за време на двонеделното прекин на огнот, објави полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним.
Според Тасним, собраните средства ќе бидат искористени за реконструкција на земјата.
Некои земји успеаја да го обезбедат преминот на своите бродови. Теснецот е практично затворен од почетокот на војната, а податоците за следење на поморскиот сообраќај покажуваат дека само околу 5% од нормалниот сообраќај поминува низ него. Некои танкери сè уште успеваат да поминат, а Пакистан и Индија преговараа со Иран за да го обезбедат преминот на некои од нивните бродови.
Иран наводно наплаќал до 2 милиони долари по брод за да помине низ Ормускиот теснец. Не е јасно дали некоја од бродските компании всушност ја платила таксата.
Теснецот се наоѓа во територијалните води и на Оман и на Иран. Досега, светот го сметаше за меѓународен воден пат и никогаш порано не се наплаќале патарини, пренесува Индекс.хр.
Планот објавен од Врховниот совет за национална безбедност, вклучува принцип на ненапаѓање, задржување на иранската контрола врз Ормускиот теснец, прифаќање на збогатувањето ураниум и укинување на сите примарни и секундарни санкции.
Иран, исто така, бара укинување на резолуциите против Исламската Република донесени од Советот за безбедност на ОН и Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), исплата на отштета, повлекување на американските воени сили од регионот и прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и јужен Либан каде во тек се воени пресметки меѓу припадниците на Хезболах и на Израелската армија.
Пакистанскиот премиер, Шехбаз Шариф, синоќа изјави дека САД, Иран и нивните сојузници се согласиле на прекин на огнот „на сите подрачја“, вклучително и Либан, по пакистанско посредување насочено кон запирање на војната што трае повеќе од пет недели.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно потврди дека се согласил на двонеделно примирје со Иран, помалку од два часа пред истекот на рокот што му го постави на Техеран – повторно да го отвори Ормускиот теснец или да се соочи со разорни напади врз цивилната инфраструктура, пренесуваат медиумите.
Фото Економија и бизнис







