Изборите во Словенија на 22 март многу веројатно дека претставуваат политички крај на поранешниот премиер Јанез Јанша и тоа е симболичното раскрстување на последниот политичар поврзан со поранешната Југославија. Партијата на Јанша, Словенечка демократска партија (СДС), за „влакно“ ги загуби изборите освојувајќи еден пратеник помалку од либералното Движење Слобода на премиерот Роберт Голоб (29 наспроти 28 места).
Тоа беше драматичен пресврт во последните месец-два пред изборите бидејќи една година претходно СДС имаше убедливо водство од најмалку 4 проценти. За овој пораз на СДС во голема мерка придонесе и шпионската афера со параразузнавачката компанија од Израел „Блек кјуб“ за која се испостави дека ги поткопувала словенечката политичка сцена и општеството во корист на Јанша.
По неодамнешното повлекување на Мило Ѓукановиќ од врвот на политиката во Црна Гора, заминувањето во фази на Јанша ќе значи заминување и на „последниот Југословен“ кој беше дел од политичките настани пред распаѓањето на СФРЈ. Јанез Јанша е познат во сите југословенски простори. Стана „славен“ како некаков дисидент преку списанието „Младина“ како либерален комунист. Потоа се обиде да се трансформира како социјалдемократ за најпосле да се префрли на брегот на тврдата десница, а во последниве години и како националистички популист од крајната десница.
Тој е најдолговечниот претседател на партија веројатно во цела Европа. На чело на СДС е од 1993 година, цели 33 години. Во тоа време беше министер за одбрана (всушност од 1990 до 1994 година за време на Војната за независност на Словенија). Потоа во три наврати беше премиер, последен пат од 2020 до 2022 година и секогаш ги губеше изборите кога бараше нов мандат. Роден во 1958 година, тој некако разбира дека животната есен веројатно ќе биде пречка за нови високи дострели во политичката кариера и затоа овие избори за него беа клучни, како некаков вид круна. Но, круната изгледа падна уште пред да биде ставена на неговата глава. Иако ништо не може да се исклучи во комплицираните преговори што ќе следуваат наредните недели за формирање влада меѓу повеќе партнери. На крајот, ако не испадне ништо, Словенија можеби ќе оди на предвремени избори и тогаш Јанша ќе ја бара новата политичка среќа. Можеби без помош на „Блек кјуб“.

За сите изборни порази, кои ги имаше повеќе од успеси во својата долга кариера, Јанез Јанша секогаш ги обвинуваше другите, никогаш не барајќи причини во себе.
Лоши вести во март за крајната десница
Тоа не е единствениот лош резултат на крајната десница во Европа во март. Јанша е само уште еден доказ за горчлива победа/пораз на екстремната десница.
Вториот круг на локалните избори во Франција, истиот ден кога и изборите во Словенија, покажа дека Националниот собир на Марин Ле Пен не е непобедлив. Една година пред претседателските избори гласањето за локалните власти може да биде главната лекција (иако има и други кои може да се покажат како позначајни). Крајнодесничарската партија победи во конзервативната Ница − но преку сојузник, Ерик Чиоти, во многу лична битка меѓу двајца десничарски ривали. Но, загуби во своите главни јужни цели Марсеј, Тулон и Ним. Честопати тоа беше затоа што левоориентираните и поумерените десноориентирани гласачи се здружија во таканаречен „Републикански фронт“ за да го држат настрана Националниот собир (РН).
Сето ова сугерира дека РН можеби не е толку непобедлив како што изгледаше. И дека предвидувањата за претседателските избори пролетта 2027 година дека неговата победа е речиси загарантирана не изгледаат толку цврсто. Во Париз и во Марсеј, Социјалистичка партија во сојуз со други левичарски умерени покажа дека може да победи без поддршката на радикалната левица.
Во Италија премиерот Џорџа Мелони доживеа многу горчлив пораз со голема разлика (од два милиони) на референдумот за реформа на Правосудството (всушност, за поголема политичка контрола врз него). Мелони, која важи за многу блиска до Доналд Трамп, го загуби својот референдум кој имаше голем политички влог бидејќи се сметаше за де факто гласање за доверба во нејзината влада. На референдумот имаше рекордна излезност и, особено, со 61 отсто од лицата на возраст од 18 до 34 години кои гласаа против. Како што рече еден аналитичар, кога ќе почнете да губите во политиката, „(…) луѓето ве гледаат поинаку. Не сте непобедливи“.
Во Данска, социјалдемократите го доживеаја најлошиот резултат во последниве 120 години, но по два мандати остануваат убедливо најголемата партија, а премиерот Мете Фредериксен би можела да формира нова влада на чело на левичарскиот „Црвен блок“, кој заврши со значајна предност, но без мнозинство. Крајно десничарската Данска народна партија значително се подобри − но сè уште е далеку под нивоата на поддршка од пред 2019 година.
Последната анкета во Унгарија (додека го пишуваме овој текст) пред изборите на 12 април покажа дека на премиерот Виктор Орбан ќе му треба вистинско чудо во последните недели од кампањата да победи на гласањето. Опозициската партија Тиса на Петер Маѓар има поддршка од 58 проценти од гласачите кои знаат како ќе гласаат, што е зголемување во однос на 55 проценти пред еден месец. Поддршката за Фидес изнесува 35 проценти, непроменета од февруари.
Поларизирана Словенија
Во вакво политичко опкружување, парламентарните избори во Словенија завршија со тесна победа за актуелниот премиер Роберт Голоб и неговата либерална партија Движење Слобода, во трка што ги истакна длабоките политички поделби во државата.
Партијата на Голоб обезбеди 28,63 проценти од гласовите, што значи 29 места во Парламентот, додека опозициската СДС на Јанша веднаш следеше со 27,95 проценти и 28 места. Ниедна партија не ги доби 46-те места потребни за да обезбеди мнозинство во парламентарниот дом. Места освоија и десничарската коалиција на Нова Словенија (НСи), Словенечката народна партија (СЛС) и партијата Фокус со 9,29 проценти, социјалдемократите (СД) и демократите со по 6,70 проценти, левица со 5,58 проценти и антисистемската и антиваксерска партија Вистина (Ресни.ца) со 5,53 проценти од гласовите.
Кандидатите водеа кампања на остро спротивставени политички платформи што одразуваа постојана поделба во словенечката политика меѓу проевропските либерали и десничарските популисти. Додека Голоб нагласуваше зајакнување на јавните услуги и одржување на усогласеност со приоритетите на ЕУ, Јанша ја фокусираше својата кампања на намалување на даноците, намалување на финансирањето за социјална помош и построг став кон миграцијата.

Премиерот Роберт Голоб може да биде задоволен што победи за „влакно“ на изборите. Но, тоа не значи дека сигурно пак ќе ја води владата.
Овие политички дебати беа засенети во последниот дел од кампањата од политички скандал со протечени снимки што, наводно, открија истакнати личности во владејачката партија, вклучувајќи го и Голоб, како разговараат за злоупотреба на државни средства.
Јанша ги нарече снимките доказ за корупција меѓу словенечката политичка елита. Но, наодите на словенечките медиуми и активисти сугерираат дека видеата, наводно протечени од приватната израелска разузнавачка фирма „Блек кјуб“, можеби биле дел од операција на влијание насочена кон поткопување на Голоб. Голоб и неговите сојузници оттогаш ја прикажуваат епизодата како обид на Јанша да користи странско мешање за да влијае на изборите. Притиснат од јавноста, Јанша призна дека се сретнал со претставници на израелската компанија, но демантираше дека поттикнувал да се прават незаконски работи. Но, целата приказна се сврте против него и влијаеше да ги загуби изборите во фотофиниш.
Иако трката веќе беше тесна, аналитичарите велат дека контроверзноста дополнително ги поларизираше гласачите, претворајќи ги изборите налик на натпревар меѓу политички платформи, а повеќе во гласање за блокирање на спротивниот табор. Гласачите беа турнати кон двете водечки партии, ослабувајќи ја поддршката за помалите конкуренти, изјави Јања Божич Маролт од Институтот „Медијана“ за Дело.
Јанша и СДС се доминантни фигури во националистичкиот и во централно-десничарскиот правец на словенечката политика. Партијата одржува постојано силна база на поддршка. Овој натпревар меѓу либералните и десничарските сили одразува поширок модел низ цела Европа каде што проевропските политички партии сè повеќе се натпреваруваат со националистичките или со десничарските предизвикувачи на неодамнешните избори.
Последниот мандат на Јанша како премиер беше критикуван од домашните надзорни тела и од претставниците на ЕУ за водење политики што се сметаат за нелиберални. За време на пандемијата на ковид-19, неговата влада ги прошири извршните овластувања − потег што предизвика широки јавни протести − и се судри со медиумските институции, вклучувајќи ја Словенечката новинска агенција и јавниот радиодифузен сервис РТВ Словенија.
Јанша, исто така, негува блиски политички врски со други нелиберални лидери во регионот, вклучувајќи ги Виктор Орбан и Александар Вучиќ. Во интервју за „Политико“, Голоб рече дека Јанша би можел да послужи како клучен сојузник на Орбан во рамките на ЕУ, потенцијално помагајќи ѝ на Будимпешта да се спротивстави на колективниот притисок од другите земји членки според механизми како што е член 7 од договорите на блокот, дизајниран да ги дисциплинира земјите членки кога нивните постапки се сметаат за кршење на основните вредности на ЕУ како што се демократијата, владеењето на правото или човековите права.
Словенија „не е осудена на демократско уназадување“, напиша словенечката писателка Ана Шнабл за Гардијан. „Но, разликата меѓу сегашната и претходните администрации на Јанша е во тоа што методите, наративите и меѓународните сојузи на нелибералната политика се поконсолидирани од кога било. Постои преседан, валидација и меѓусебно зајакнување.“
Каде е патот до нова влада?
„Беше напнато, но пред сè им благодарам на сите гласачи што излегоа да гласаат. Гласавте за демократија, не само за слобода“, рече Голоб во говорот доцна во неделата по објавувањето на резултатите од изборите. „Во следниот мандат ќе направиме сè за да ја направиме таа иднина подобра за сите граѓани“, додаде тој.
Јанша рече дека ваков поделен парламент очигледно ќе произведе нестабилна влада. Тој тврдеше дека нови избори треба да се одржат што е можно поскоро затоа што на земјата ѝ е потребна стабилна администрација.
Зборот пораз не постои во политичкиот речник на Јанез Јанша. Тој исто така не го знае значењето на фразата преземање одговорност. За сите изборни порази, кои ги имаше повеќе од успеси во својата долга кариера, тој секогаш ги обвинуваше другите, никогаш не барајќи причини во себе. Сепак, тој стана предвидлив во своите политички активности. Од сега веќе добро познатиот учебник на популистичката десница, поточно од поглавјето за оправдување на сопствениот изборен неуспех, тој ја обвини корумпираната украдена држава за изборна измама. Започна со тоа што прво ги повика своите поддржувачи да го бојкотираат предвременото гласање за време на изборната кампања, а потоа два дена по изборите на прес-конференција објаснуваше како изборите наводно биле наместени.
Тој зборуваше за застарени избирачки списоци, покани добиле починати лица. Имало извештаи од странство дека не добиле гласачки ливчиња. „Видовме случаи каде што кутиите со гласачки ливчиња биле одземени од гласачкото место“, зборуваше Јанша. Тој се пожали и на работењето и „паѓањето“ на веб-страницата на Државната изборна комисија, каде што се променија процентите на поединечните политички партии. И други наводни измами. Сите овие тврдења веднаш ги отфрли Државната изборна комисија како неосновани.
Партијата на Голоб одговори на изјавите на Јанша за нерегуларностите на изборите велејќи дека тоа е обид за поткопување на довербата во демократските процеси. „Ова е школски пример за постапките на популистичката десница, каква што ја знаеме од странство, и која служи исклучиво за оправдување на сопствениот изборен пораз“, изјавија тие. Движењето Слобода го обвини СДС дека се однесува како популистичка десница во странство „со создавање сомнеж, ширење теории на заговор и систематско поткопување на стабилноста на земјата“.
Во Словенија, формирањето влада обично трае неколку недели, но може да потрае и неколку месеци. Владата на Роберт Голоб беше формирана релативно брзо, за 38 дена, додека по изборите во 2018 година, преговорите за владата на Марјан Шарец траеја приближно четири месеци. Клучот сега може да биде кај демократите на Анже Логар (поранешен министер за надворешни работи во последната влада на Јанша), кој се дистанцира од крајнодесничарските политики на лидерот на СДС и можеби ќе најде свое место во центристички кабинет на Голоб. Центристичко-левата коалиција на Голоб има 40 места, со демократите бројката би била 46, доволна за мнозинство. Дали оваа математика може да се оствари тешко е да се каже бидејќи, иако во основа има победник на изборите, неговиот пат до формирање влада е исклучително тежок.
Економија и бизнис, 01 април 2026г








