Николоски: Политиките на субвенционирање донесоа силен раст во авиосообраќајот

авион на писта

Значителен раст на бројот на патници и отворање на нови авиолинии бележат македонските аеродроми, што според заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски е резултат на актуелниот модел на субвенционирање.

Во гостување во „Топ тема“, тој посочи дека наместо формирање национален авиопревозник, Владата се насочила кон политики кои веќе носат конкретни резултати – зголемен број на патници и десетици нови авио дестинации.

-Во однос на национален авио превозник, мојот став е дека за држави под 20 милиони жители, тоа е неисплатливо, имајќи предвид дека бројот на население е далеку од тоа што се прави да има број на летови кои што можат да направат исплатливост и всушност примерите од нашиот регион тоа го покажуваат. Мислам дека овој концепт кој што го имаме сега, на благо субвенционирање на патници на доаѓање и веќе ги дава резултатите, рече Николоски и ги потенцираше примерите од соседството каде компании или едвај преживуваат или се банкротирани.

Тој посочи дека растот на македонските аеродроми е особено изразен во првите месеци годинава, при што скопскиот аеродром бележи пораст од 30 проценти, додека охридскиот аеродром има раст од 20 проценти.

-Ние имаме 24 нови дестинации откако е избрана оваа Влада. Минатата година двата аеродроми заедно стигнаа до 3.350.000 патници. Оваа година очекувам да одат на 3,5 милиони, а веќе следната и на 4 милиони. Скопскиот аеродром оваа година во првите три месеци има раст за 30 отсто, охридскиот 20 проценти. 

Николоски додаде дека скопскиот аеродром веќе го надминал аеродромот во Приштина по однос на растот, оценувајќи дека според овој параметар, годинава ќе биде водечки на просторот на поранешна Југославија, а значително напредува и во вкупниот број на патници.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано