Властите во Северна Рајна-Вестфалија започнуваат решителна борба против експлоатацијата на станарите. Целта на законот е да се спречат криминалните бизнис модели што се спроведуваат зад грбот на социјално ранливите групи.
Министерката за градежништво Ина Шаренбах го презентираше нацртот на Законот за фер домување (Faires-Wohnen-Gesetz), која објави дека „оние што ги сместуваат луѓето во запуштени станови или прескапи објекти ќе се чувствуваат многу непријатно во иднина“.
Министерката ја објасни вообичаената практика: газдата честопати е и работодавач. Луѓето во тешки ситуации се сместени во нехумани услови по астрономски цени. Пример се руинирани станови за кои се бараат до 2.000 евра месечно, објавуваат медиумите во Германија.
Во иднина ќе се применува задолжителен сертификат „Фер домување“, а градовите ќе можат да воведат задолжителна регистрација. Без налепница „Faire Unterkunft“ на влезот, никој нема да може да се всели. Квалитетот на становите ќе се проверува со инспекција.
За непочитување на новите прописи се предвидени казни до 500.000 евра. Доколку сопственикот дозволи зградата да пропадне, државата може да назначи управител, а како последно средство е предвидена конфискација на сопственоста.
Се предвидува и пократок рок на изнајмување за туристи, наместо 90 дена, без посебна дозвола, становите ќе можат да се издаваат под наем само за 56 ноќевања годишно, пренесуваат медиумите во Германија.
Фото Економија и бизнис







