Србија ќе ги намали акцизите за нафтените производи за 40 проценти, со цел да се спречи зголемувањето на цените на горивата на пумпите, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на 20 март по седницата на Советот за национална безбедност на која присуствуваше.
Тој рече дека двете главни цели на државните мерки се целосно снабдување и цени под контрола.
Вучиќ рече дека Србија годишно собира околу две милијарди евра за буџетот од акциза за нафта, што е најголем приход од акцизи.
Пред една недела, државата веќе ги намали акцизите за нафтените производи за 20 проценти, што, според Вучиќ, ја чини државата 35 милиони евра месечно.
Пред тоа, државните давачки сочинуваа повеќе од половина од цената на литар бензин и евродизел што потрошувачите ги плаќаа на пумпите.
Цените на бензинот БМБ 95 и евродизелот на пумпите во Србија забележаа зголемување во споредба со претходниот месец, во просек за околу седум проценти.
Максималните цени на горивата на бензинските пумпи низ цела Србија се ограничени еднаш неделно од страна на Министерството за внатрешна и надворешна трговија.
Според последното намалување од 20 март, цената за литар бензин ќе биде 188 динари (1,60 евра), а цената на евродизелот ќе биде 212 динари (1,80 евра). Ова се највисоките цени од јануари 2025 година, кога Нафтна индустрија Србија, најголемата нафтена компанија во земјата, беше ставена на листата на санкции од страна на Соединетите Американски Држави поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, пренесува Радио Слободна Европа.
Фото Економија и бизнис







