Додека трошоците за живот во многу земји остануваат високи, некои земји се одлучија за револуционерен потег за привлекување на нови жители. Повеќето од овие програми не се целосно бесплатни и постојат одредени услови за доселениците: реновирање на куќа, започнување бизнис, раѓање деца или престој подолго време. Доколку условите не се исполнети, парите често мора да се вратат. „Дејли меил“ направи преглед на листа за земјите што применуваат програми за да привлекуваат нови жители во некои места.
Со програмата за стартап, во Чиле „Старт-ап Чиле“ нуди финансирање на проекти од околу 15.000 до 100.000 американски долари за поддршка за развој на бизнисот во земјата. Во Хрватска во местото Леград, општината продава напуштени куќи и градежни парцели за симболични 13 центи. Програмата беше лансирана во 2018 година за да се спречи намалувањето на населението, а до денес се продадени бројни имоти, вклучително и на семејства од Чиле и Мексико. Кандидатите мора да бидат под 45 години, во брак или во заеднички живот, без друг недвижен имот во областа. Многумина добиваат и поддршка за реновирање.
Пред воведувањето на еврото, куќите се издаваа за една куна, а потоа од 2023 година за 13 центи. Од 2018 година до денес, околу шеесет семејства се преселиле во самиот Леград или во една од шесте други општински населби.
На малиот грчки остров Антикитера, каде што живеат помалку од 50 постојани жители, нудат 500 евра по домаќинство месечно во период од три години (вкупно околу 18.000 евра), плус куќа или земјиште. Програмата е наменета за семејства кои се подготвени да се населат долгорочно и да придонесат за заедницата, особено за оние со деца или вештини како што се земјоделство, риболов или пекарство.
Ирската влада нуди до 84.000 евра за реновирање на празни имоти на оддалечени крајбрежни острови (со дополнителен „островски бонус“ од 20% од стандардниот грант за реновирање на празни имоти). Целта е долгорочно населување и ревитализација на заедниците. Програмата трае до 2026 година и е идеална за оние кои сакаат да реновираат стара куќа на мирен остров.
Во региони како Калабрија и Сардинија, се нудат до 23.000-30.000 евра за семејства кои се преселуваат во села со помалку од 2.000-3.000 жители. Во Калабрија, условот често е да се започне бизнис или да се работи во дефицитарни сектори, додека во Сардинија, субвенциите одат за купување или реновирање на куќи во рурални општини.
Јапонија им плаќа на семејствата кои се преселуваат од пренаселено Токио во рурални општини. Износите достигнуваат до 1.000.000 јени (околу 6.000–7.000 евра) по лице или повеќе по домаќинство, плус надоместоци по дете. Програмата има за цел порамномерна распределба на населението и ревитализација на селото.
Во швајцарското село Албинен (кантон Вале, на 1.300 метри надморска височина) нудат 25.000 швајцарски франци по возрасен и 10.000 франци по дете. За семејство од четири лица, може да биде над 60.000 франци. Условите се меѓу најстрогите. Важи за лица под 45 години, купување недвижен имот во вредност од најмалку 200.000 франци и обврска за престој минимум 10 години.
Шпанија нуди грантови до 15.000 евра за дигитални номади и работници од далечина кои се обврзуваат да останат најмалку две години. Во Маврициус нудат околу 400–440 евра за одобрени планови за стартап бизнис, пренесува Поасловни дневник.
Фото Економија и бизнис






