Пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светска банка ќе започне утре во Вашингтон, а главните теми ќе бидат како да се стабилизира глобалниот раст во услови на геополитички превирања и технолошки трансформации.
Априлската сесија, која ќе трае до 18 април, ќе ги собере гувернерите на централните банки, министрите за финансии и развој, лидерите на приватниот сектор, претставниците на граѓанското општество и академската заедница за да разговараат за глобалната економија, финансиската стабилност и намалувањето на сиромаштијата.
На 9 април, директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, во своето обраќање, пред почетокот на пролетната сесија на ММФ и Светската банка, изјави дека војната на Блискиот Исток претставува голем шок во снабдувањето што ќе го забави глобалниот раст, дури и во најоптимистичкото сценарио.
Таа изјави дека растот на глобалната економија ќе биде помал без оглед на евентуалното трајно примирје меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, поради веќе предизвиканите штети врз инфраструктурата, прекините во синџирите на снабдување и губењето на довербата.
Следната недела, ММФ ќе објави три сценарија во извештајот „Светски економски перспективи“, а во секое од нив се очекува послаб раст од претходно проектираниот, рече Георгиева.
Редовната прогноза на ММФ за Светските економски перспективи, со посебен фокус на инфлацијата и каматните стапки, ќе биде достапна во вторник.
На сесијата, учесниците ќе разговараат за геополитичките ризици од конфликтот на Блискиот Исток и влијанието врз цените на енергијата и проекциите за економски раст.
Покрај тоа, важна тема ќе биде вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз продуктивноста, пазарот на трудот и економскиот раст.
Експертите ќе разменуваат мислења за одржливото финансирање и климата, а исто така ќе бараат начини за мобилизирање на приватен капитал за зелената транзиција и реформата на мултилатералните развојни банки.
Се очекуваат и дискусии за модернизацијата на Фондот и Светската банка, за да можат подобро да одговорат на потребите на земјите во развој.
Воведот на самиот настан ќе биде дебата со Кристалина Георгиева за глобалните економски перспективи и политичките приоритети, најавена за 9 април, беше објавено на веб-страницата на Меѓународниот монетарен фонд, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис







