Во своите заклучоци од консултациите со македонските власти, согласно членот 4 од Статутот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), мисијата на ММФ бара од Народна банка да ја затегне монетарната политика заради комбинацијата на енергетскиот шок и сè уште силната домашна побарувачка.
Следствено, ММФ посочува дека Народна банка треба да премине кон аукции со целосна алокација на благајнички записи и да ја зголеми основната каматна стапка. Се препорачува постепено приближување на реалните каматни стапки кон неутралното ниво (околу 2 проценти) на среден рок.
Мисијата на ММФ го оценува финансискиот систем како стабилен. Банкарскиот сектор е добро капитализиран, ликвиден и профитабилен, а нефункционалните кредити се ниски. Кредитниот раст се забрза во 2025 година, особено во сегментот на недвижности, поддржан од раст на цените на становите.
Но, ММФ упатува и на одредени ризици и посочува дека изложеноста кон недвижности бара внимателно следење. Макропрудентната политика е соодветно заострена, но доколку притисоците продолжат, ќе бидат потребни дополнителни мерки за зајакнување на капиталните заштитни слоеви.
Понатаму, потребно е целосно усогласување на банкарската регулатива со европското законодавство, како и засилен надзор врз небанкарските институции и крипто-секторот, се вели во завршното соопштение на ММФ.







