За период од нецели две години, од септември 2024 до март 2026 година вкупното покачување на пензиите е 7000 денари на месечно ниво или вкупно линеарно зголемување од 36 проценти, вели директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Никола Мемов.
Минималната пензија за овој период, како што посочува Мемов, е зголемена за 61,75 проценти, а просечната пензија за околу 40 проценти.
– Ова претставува најголемо покачување на пензиите во последните 20 години, кое е резултат на политиките насочени кон подобрување на животниот стандард на пензионерите. Со ваквите мерки се покажува јасна грижа за највозрасните граѓани, а пензионерите стануваат еден од главните приоритети во социјалната политика. Со континуираното зголемување на пензиите, оваа Влада испраќа порака дека стабилноста и грижата за пензионерите се темел на општествената одговорност и дека подобрувањето на нивниот стандард е клучен политички ефект за донесените економски и социјални одлуки, вели Мемов.
Посочува дека во вкупната сума на пари што се користи за исплата на пензиите, зголемувањето изнесува речиси 500 милиони евра повеќе во споредба со 2024 година.
– Како пример, во септември 2024 година кога е исплатена пензијата за август, се исплатени 7.210.341.000 денари. За исплата на мартовската пензија 2026 година, вкупната исплата на пензиите е 9.65 милијарди денари, што е за 2.44 милијарди денари месечно повеќе во споредба со септември 2024 година, појаснува директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.




