Како резултат на конфликтот на Блискиот Исток, можно е одредено ограничено влијание кај дел од дестинациите од домашните аеродроми, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот, велат за МИА од ТАВ Македонија.
Оттаму информираат дека засега само Виз ер ја прекинува редовната авиолинија Скопје – Ларнака, од 13 април, и таа во иднина ќе биде сезонска во тек на летните месеци.
Во пресрет на летниот ред на летање, од ТАВ велат дека по успешната 2025 година и силната зимска сезона очекуваат продолжување на стабилниот раст и во наредниот период, поткрепен со зголемен број патници и проширување на мрежата на дестинации.
По војната на Блискиот Исток, дел од авиокомпаниите веднаш мораа да се прилагодат на настанатата состојба, а со тоа и да ги реорганизираат рутите и распоредите на летови, што индиректно се одрази и врз туристичките патувања на глобално ниво.
– Од гледна точка на ТАВ Македонија, како оператор на двата македонски аеродроми, нашата надлежност се аеродромските операции и обезбедување непречено и безбедно функционирање на услугите за сите авиокомпании и за патниците додека тие се на аеродромите. Секако, внимателно ја следиме состојбата и сме во постојана комуникација со авиопревозниците. Во овој момент не се очекуваат значајни промени во вкупниот број на летови и на патници, имајќи предвид дека најголемиот дел од сообраќајот на скопскиот и на охридскиот аеродром е поврзан со дестинации во географска Европа, особено Западна и Северна Европа, изјави за МИА Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Извор/фото МИА





