Контроли на грчкиот пазар на храна и гориво во пресрет на Велигден

Актуелната состојба на пазарот, контролите како во продавниците за храна, така и во супермаркетите, но и за цените на горивото, биле главните теми на состанокот што го одржа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за состојбата на грчкиот пазар поради кризата на Блискиот Исток, а во пресрет на велигденските празници, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчки владини извори, за време на состанокот била направена детална анализа на актуелната состојба на пазарот и било посочено дека, како во однос на цените на горивата, така и на пазарот на храна и основни производи во супермаркетите, се спроведуваат строги контроли.

Под лупа на новата Независна управа за контрола на пазарот и заштита на потрошувачите, веќе се наоѓаат над 100 компании од прехранбениот сектор (меѓу кои и компании за трговија на големо со месо, со овошје и зеленчук, како и компании за храна и пијалаци) во однос на почитувањето на бруто профитната маржа, а контролите планирано е да продолжат со уште поголем интензитет во следниот период.

Стотици контроли, според истите информации се спроведуваат секојдневно и за цените на горивата, а утре ќе стапи во сила мерката за субвенционирање на дизелот со 20 центи по литар, додека пак во наредните денови ќе започне и примената на мерката за поддршка на граѓаните „fuel pass“ за бензинот.

На состанокот што го свика Мицотакис, учествувале вицепремиерот и министрите за национална економија и финансии и за развој, генералниот секретар за трговија, претседателката на Независна управа за контрола на пазарот и заштита на потрошувачите, како и одговорниот за економија во кабинетот на грчкиот премиер.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано