Во 2025 година, бројот на странски туристи кои ја посетиле Македонија се проценува на околу 1,3 милиони, што претставува зголемување од приближно 10% во споредба со 2024 година. 920.000 од туристите се странци, најмногу од Турција, Србија, Бугарија, Грција и Германија. Растот на туризмот воглавно го носат странците, додека домашниот туризам стагнира.
Домашните туристи во 2024 се околу 420000, и имаме пад од 2,2% во однос на минатата година.
Но, ако се анализираат ноќевањата, се добива една поинаква слика! Имено, речиси 53,5% од вкупните ноќевања ги направиле домашните туристи. Тоа покажува дека домашните туристи можеби се помалку бројни, но се полојални и економски многу поважни отколку што мислиме. Тие престојуваат подолго во нашите туристички центри, трошат континуирано, и повторно се враќаат. За разлика од нив многу од странските туристи се транзитни.
Тоа значи дека во нашата стратегија за туризам акцентот во најмала рака треба да се стави подеднакво, како на странските, така и на домашните туристи. Во многу земји низ светот многу туристички места се посебно прилагодени токму за домашните посетители, тие да имаат пристапни, поповолни цени и локализирани услуги. Ние, за почеток, треба да се потрудиме барем да ги скршиме предрасудите дека домашните туристи не се толку важни.
Домашните туристи се првите критичари и можеби најискрениот показател дали навистина сме изградиле автентичен туризам. И ако сакаме силен и одржлив туризам, прво мора да ја освоиме довербата дома, кај домашните туристи. Ако ние не сакаме да ги посетиме Крушево, Берово или Маврово, зошто би ги посетил еден странски турист.
Ова не е прашање само на патриотизам, туку на економска логика, туристичка култура и доверба во сопствениот производ. Од моето искуство, секоја држава што гради стабилен туризам, прво ја освојува довербата на својот граѓанин. Странскиот турист носи свеж капитал и меѓународна видливост, но домашниот турист е оној што обезбедува континуитет во сезона, но и надвор од неа.
Домашните туристи имаат многу поголем потенцијал отколку што мислиме!
Имаме езера, планини, вински региони, манастири, автентични села, гастрономија, културно наследство и природни пејзажи што можат да бидат основа за силен домашен туризам, но за жал ретко ги посетуваме. Домашното патување често останува резервна опција, кога нема време, кога нема буџет за странство или кога едноставно „ќе се снајдеме некаде блиску“.
Прашањето е како да ги задржиме домашните туристи во земјава, посебно оние кои се куповно моќни. Наместо на викенд во Тоскана, да заминат на викенд во некоја наша винарија. Нашите вина се меѓу најдобрите во светот, и ако им овозможиме и нешто плус, можеме да ги привлечеме. Треба системски да ја подобруваме туристичката понуда.
Какви се примерите од странство?
Шпанија не случајно е силна туристичка земја!
Кога ќе го погледнеме примерот со Шпанија, разликата станува кристално јасна. Во 2024 година, жителите на Шпанија направиле 184,4 милиони патувања, а 88,3% од нив имале дестинација во самата Шпанија. Тоа е бројка што треба да нè отрезни. Не затоа што Шпанците се „повеќе патриоти“, туку затоа што нивната држава со години систематски гради доверба во сопствената понуда.
Кај нив домашното патување не е импровизација, туку култура: имаат јасно брендирани региони, добра транспортна поврзаност, интересна гастрономија, локални фестивали, семејни понуди, рурален туризам и викенд-аранжмани што имаат смисла во секој дел од годината.
Токму тука е големата лекција за Македонија. Домашниот турист не се задржува со слоган. Тој се задржува со квалитет, сигурност, добра услуга и чувство дека за парите што ги издвојува добива вредност.
Словенија е поинаков пример, но пораката е иста
Словенија е уште поинтересен случај, затоа што нуди понијансирана слика. Во 2024 година, словенечките жители направиле околу 7,4 милиони приватни патувања: 3,1 милиони во Словенија и 4,3 милиони во странство. Значи, Словенците многу патуваат и надвор од државата. Но, тоа не значи дека домашниот туризам им е слаб. Напротив – нивниот внатрешен туристички простор е функционален, регионално добро организиран и доволно атрактивен за постојано движење во самата земја.
Поуката е многу важна: успешна туристичка земја не е онаа во која граѓаните патуваат само дома, туку онаа во која домашниот туристички производ останува силен избор, и покрај тоа што граѓаните имаат можност да одат и на друго место.
Пишува: Влатко Сулев







