ИТНА СЕДНИЦА НА ИЕА ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА МИЛИОНИ БАРЕЛИ  ОД НАФТЕНИТЕ РЕЗЕРВИ НА БОГАТИТЕ ЗЕМЈИ

Директорот на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) Фатих Бирол денес свика вонреден состанок за да се разгледа дали да се ослободат милиони барели нафта од резервите за вонредни ситуации поради наглиот пораст на цените на енергијата поради војната на Блискиот Исток.

Целта на состанокот, кој ќе се одржи денес, ќе биде „да се процени моменталната безбедност на снабдувањето и состојбата на пазарот со цел да се донесе последователна одлука за евентуалното пуштање на пазарот на резервите за вонредни ситуации на нафта на земјите-членки на ИЕА“, се вели во соопштението на Бирол, како што објави Политико.

Земјите членки на ИЕА, претежно развиени западни економии, се сè повеќе загрижени бидејќи Иран, САД и Израел вршат воздушни напади, загрозувајќи ги клучните синџири на снабдување и енергетската инфраструктура низ Персискиот Залив.

Како што е наведено, трговските бродови го напуштија и „Ормускиот теснец“, премин низ кој минува околу 20 проценти од светската трговија со енергија, што ги поттикна стравувањата од ненадеен скок на цените.

Земјите-членки на ИЕА досега не координираа заеднички мерки за одговор на кризата, наведувајќи ја неизвесноста околу тоа колку долго би можела да трае војната.

Цените на референтната нафта скокнаа на повеќе од 100 долари за барел во текот на првата недела од конфликтот, пред да се стабилизираат околу 88 долари денес откако американскиот претседател Доналд Трамп навести дека конфликтот би можел наскоро да заврши, пренесува Б92.

Земјите-членки моментално имаат повеќе од 1,2 милијарди барели резерви на нафта за итни случаи, со дополнителни 600 милиони барели кои се чуваат во задолжителни државни резерви, рече Бирол.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано