ИНФЛАЦИСКИ БРАН СЕ ШИРИ НИЗ СВЕТОТ, директорка на ММФ со препораки за надминување на последиците

Инфлациски бран се формираше глобално како резултат на војната на Блискиот Исток, а економистите не можат да прогнозираат колку последиците од нафтената криза ќе влијае на азиската и на европската економија. Само за еден месец од почетокот на воениот конфликт во Иран, инфлацијата во Европската Унија се зголеми од 1,9 на 2,5 проценти.

Војната на Блискиот Исток предизвика голем глобален економски шок, го наруши снабдувањето со енергија и ги зголеми цените низ целиот свет, изјави денес Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предупредувајќи дека последиците ќе траат во текот на целата година.

Според неа, последиците се глобални, но не влијаат подеднакво на сите земји, бидејќи земјите најблиску до конфликтот, увозниците на енергија и земјите без финансиски резерви се најтешко погодени.

Георгиева, во интервју за CBS News, изјави дека ММФ разгледува различни сценарија во зависност од времетраењето на војната, посочувајќи ја големата штета на енергетската инфраструктура, чие закрепнување ќе трае со години.

Таа истакна дека азиските земји се особено погодени, каде што беа воведени ограничувања на потрошувачката на енергија и вонредни мерки, додека прекините во снабдувањето влијаеја и врз полупроводничката индустрија, медицинските услуги и земјоделството.

„Луѓето страдаат од недостиг, зголемување на цените и прекини во снабдувањето, вклучително и ѓубрива, што може да доведе до зголемување на цените на храната“, рече Георгиева.

Додаде дека приходите од дознаки се исто така погодени, бидејќи работниците од земји како Индија и Бангладеш не можат да испраќаат пари од регионот на Заливот, како и транспортот и туризмот, особено во земји како Шри Ланка.

Георгиева оцени дека Соединетите Американски Држави се помалку погодени бидејќи се извозник на енергија, но дека порастот на цените влијае на сите, со предупредување дека падот на инфлацијата може да се одложи.

Според неа, зголемувањето на цените на енергијата, кое во еден момент достигна 50 проценти, претставува негативен шок во снабдувањето што дополнително ги оптоварува потрошувачите, особено оние со пониски приходи.

Таа предупреди дека последиците од кризата ќе траат дури и по евентуалното прекинување на огнот, поради веќе појавените прекини во снабдувањето и големите штети на инфраструктурата, вклучително и енергетските постројки и рафинериите.

„Опоравувањето нема да биде брзо, особено во регионите со најголеми нарушувања“, рече Георгиева, додавајќи дека мирот ќе ја забрза стабилизацијата.

Во исто време, во интервју за CBS, таа истакна дека енергетските кризи поттикнуваат поголема ефикасност и диверзификација на изворите, вклучително и развој на зелена енергија, но дека тоа ќе потрае, додека граѓаните и економијата ќе го носат товарот во меѓувреме.

Зборувајќи за мерките, Георгиева рече дека ММФ им советува на земјите да не воведуваат трговски ограничувања за енергетските производи и да ја насочат помошта кон најранливите, со претпазливост поради ограничениот фискален простор.

Таа оцени дека светската економија покажала отпорност и покрај бројните кризи, благодарение на улогата на приватниот сектор, посилните институции и технолошкиот напредок, но предупреди дека ризикот од рецесија сè уште постои.

Георгиева, исто така, ја нагласи важноста од намалување на трговските тензии меѓу најголемите економии, нагласувајќи дека трговските војни немаат победници, пренесува Еуроњуз Србија.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано