Аеродромот во Атина од понеделник целосно ќе го имплементира системот ЕЕС за влез и излез од ЕУ

Од 30 март 2026 година целосно ќе се имплементира новиот Систем за влез/излез (ЕЕС) на Европска Унија за сите државјани на трети земји кои патуваат кон или од Шенген зона, соопштија од Меѓународниот аеродром во Атина и апелираа до патниците најмалку два и пол часа пред летот да бидат на аеродром, јави дописничката на МИА од Атина.

Од атинскиот аеродром посочија дека „можно е да се појават значителни доцнења во процесот на пасошка контрола“. 

– Ве молиме да пристигнете на аеродром најмалку два часа и 30 минути пред вашето поаѓањето за навремено да ги завршите: процесот на чекирање, безбедносната контрола и пасошката контрола. Задоцнето пристигнување на гејтот, може да резултира со одбивање за влез во авионот, соопштија од атинскиот аеродром.

Новиот систем за влез/излез од ЕУ започна постепено да се применува од 12 октомври 2025 година, а до април годинава треба целосно да се имплементира.

Се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена), а се применува на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.

Процесот на регистрација на државјаните на трети земји вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоци од пасошот, а при следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка, а од 10 април, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано