Зоран Ѓоргиев, публицист и истражувач од Битола ја промовира книгата „Приказните од Широк сокак“, во која е фокусиран на куќите на главната битолска улица и старите битолски фамилии чии судбини, како што посочува авторот Ѓоргиев, се вткаени во Широк сокак.
На промотивниот настан во Битола, авторот Ѓоргиев истакна дека Широк сокак отсекогаш бил повеќе од улица, тоа е место каде се среќавале генерации, каде се раѓале љубови и пријателства, каде се воделе разговори што траеле со часови и каде секој камен има своја приказна.
-Кога започнав да ги истражувам старите битолски семејства, куќи, дуќани и личности, не ни претпоставував дека тоа ќе прерасне во книга. Секоја приказна што ја запишав започна со нечиј спомен. Со стара фотографија пронајдена во фиока. Со пожолтен документ. Со раскажување на некој дедо или баба кои сакале нивната приказна да не биде заборавена. Со текот на времето сфатив дека Битола поседува огромно богатство. Не во злато, не во скапоцености, туку во своите луѓе и нивните сеќавања. Многу од личностите кои се спомнати во оваа книга повеќе не се меѓу нас. Многу куќи исчезнале. Многу дуќани одамна ги затвориле своите врати. Но приказните останале.Токму затоа оваа книга постои. За да остане траен запис за едно време. За да можат младите да дознаат каква била Битола. За да можат постарите да се потсетат на дел од својот живот. И, за да не дозволиме спомените да исчезнат заедно со генерациите што си заминуваат, истакна Ѓоргиев.
За време на промоцијата, авторот јавно се заблагодари на сите кои помогнаа во создавањето на книгата, на сите семејства кои ги отвориле своите албуми и со него споделиле фотографии, документи и сеќавања.
Во книгата „Приказните од Широк сокак“, читателите може да прочитаат за францускиот композитор Раул Винеј и неговиот незаборавен музеј на Широк сокак, за хотелите „Босна“ и „Централ“, за куќите на познати семејства од Битола меѓу кои и една од најсликаните куќи на Марика и Климент Спростран, која уште ја нарекуваат архитектонска убавица на Широк сокак.
Извор/фото МИА








