Владата прави потрошувачко портфолио, со кое потрошувачите би имале од 5 до 10 отсто поевтина цена на струјата, најави Мицкоски

Владата прави потрошувачко портфолио, кое што треба го услогласи  со дистрибутерот ЕВН Хоум и со државниот производител ЕСМ и оваа или следната недела ќе имаат заеднички работен состанок, а со што би се обезбедила просечна цена на струјата од 5 до 10 отсто поевтина од сегашната, најави денеска од Виница премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарски прашања за проектите за искористување на обновливи извори на енергија и како можат да влијаат врз цената на електричната енергија. 

-Така што ние сега практично ги подготвуваме сите индикатори, за да можат тие на крајот од годината да го распишат огласот и веќе за следната година да обезбедиме, можеби еден од ретките случаи ќе биде во Европа, ако не и единствен, каде што граѓаните би добиле до 5 проценти, а можеби и повеќе, пониска цена на електричната енергија. Тоа ќе биде нешто што досега не се случило – да ги искористиме поволностите на обновливите извори на енергија, тоа е Сонцето, и во тој микс во текот на целата година да обезбедиме просечна цена на електричната енергија којашто, еве, јас сум умерен оптимист, би била 5 до 10 проценти поевтина од сегашната. Но, ајде да видиме како сето тоа ќе го операционализираме – рече Мицкоски. 

Претседателот на Владата, подвлече дека цел на Владата е  на крајот од оваа година по прв пат нашата земја да биде нето извозник на струја и како што рече „мислам дека тоа ќе го постигнеме“.

-Добро е што и државната ЕСМ се консолидира и во првиот квартал, или да бидам попрецизен, очекувам во првата половина од годината за првпат да имаме позитивни резултати, од оние 150 милиони евра загуба што ги наследивме, да имаме, мојата прогноза е меѓу 6-7 милиони евра добивка. Ќе видиме-изјави Мицкоски. 

Што се однесува за проектите за обновливи извори на енергија, премиерот Мицкоски рече дека голем дел од проектите се завршени. Но, како што рече „поради авантурите на претходната Влада, има и такви проекти што се направени  на земја, којашто е плодна земја, земјоделска земја со квалитетна категорија: прва, втора и трета“. 

-Но, тоа се политики кои што застануваат онаму каде што велиме стекнато право. Ние како Влада веќе изработивме еден таков закон. Тука е и потпретседателот на Владата. Да не може веќе такви проекти да се прават на земја, која што ќе биде со квалитет од прва до четврта категорија, значи само од петта, па нагоре. Така што се трудиме, од една страна, да охрабриме и да поддржиме инвестиции, но од друга страна, да не оштетиме пак друг тип на  инвестиции, како што е да речеме земјоделството-подвлече Мицкоски. 

Премиерот Мицкоски од Виница најави дека во текот на месецот на терен ќе се види  напредокот и изградбата на Ветерниот парк, кој ќе се простира на територија на три општини – Штип, Карбинци и Радовиш.

-Веќе теренските активности се почнати. Ценам дека овој месец јуни ќе ве поканиме да бидете присутни и таму на терен, да гледате како тој проект се  развива. Финансиската конструкција е завршена, отприлика околу половина милијарда долари. И она коешто го работиме со истиот инвеститор е уште еден таков сличен проект да имаме таква инвестиција во североисточниот дел на земјата, со отприлика слична инвестициска активност од околу половина милијарда долари – рече Мицкоски. 

Посочи дека ​консолидирани се акумулациите, кои во април, односно јуни месец 2024-тата година беа на некои 7 отсто, а  денеска акумулациите се на 80 процнети исполнетост. 

-Сезоната за наводнување е започната овде во хидросистемот „Брегалница“, почнувајќи од Калиманци па сѐ до Лозово. Веќе два месеца трае, апсолутно нема никакви рестрикции, нема ограничувања. Сите корисници добиваат навремено вода. Тоа значи ќе имаме добар род, ќе имаме добра година. Приоритет по приоритет ги решаваме работите. За жал, две години се бориме со напластени проблеми во минатото, но тоа е што е – вели Мицкоски. 

Посочи дека задача на Владата е да ги решаваат проблемите, таму каде што можат, побргу или побавно, и да се развива Македонија.

Фото: МИА 

Повеќе од истиот автор

Најчитано