Запознавање на даночните обврзници со нивните законски обврски, навреме да го пријават доходот остварен од туризам и да го платат соодветно данокот е целта на денешната информативна средба на претставници на Управата за јавни приходи во Охрид со туристичкиот сектор во Охрид во рамките на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“.
Целта на Управата, според координаторката на даночно одделение – Охрид, Весна Николоска-Ристовска, не е да ги казнува даночните обврзници, туку да ги поттикне и информира дека со плаќање на данокот директно учествуваат во развојот на туризмот и другите јавни добра кои се од интерес за целото општество.
– Секако за тоа е неопходно меѓусебна соработка на институциите, како Управата за јавни приходи и Општината Охрид од една страна, и од друга страна даночните обврзници, почнувајќи од издавачите на соби, апартмани, вили, хотелите, рестораните и другите угостителски објекти. Тука спаѓаат и сезонските работници и малите продавачи кои вршат дејност од времен карактер. Сите заедно да придонесеме да создадеме фер, еднакви услови за сите, да ја поттикнеме фер конкуренцијата и да ја сузбиеме сивата економија. Нашата Македонија има голем потенцијал, сите заедно треба да придонесеме да вложуваме за развој на туризмот и заедно да учествуваме да ја движиме локалната економија напред, изјави Николоска-Ристовска.
Таа информира дека има интерес за пријавување приходи и оти УЈП ги контактира станоиздавачите, а може да се информираат и преку брошура и видеоводич на Јутјуб каналот.
Туристичкиот сектор во Охрид, според заменик-градоначалничката Ана Крстеска, е двигател на локалната економија и дека главна дејност на охриѓани во голем дел е туристичката.
– Она што е најважно е да се обезбеди фер туризам, лојална конкуренција, да ги отстраниме сите нелегални станоиздавачи, да се регулира плаќањето на доходот на сите оние кои закупкуваат простор, дали се тоа станови, апартмани, вили, соби, вклучувајќи ги и оние кои издаваат преку интернет операторите простор во нашиот град, истакна Крстеска.
Особено значајно, според неа, е да постои координирана и континуирана соработка меѓу институциите и навремена информираност со цел развивање на бизнис-секторот.
– Затоа што туризмот е најзначајна алка во нашиот локален развој, и секако ни е важно фер и лојална конкуренција која ќе придонесе да се развива туристичкиот сектор како целина. Општина Охрид сака да биде атрактивна туристичка дестинација, но и пример како еден одржлив, фер, уреден туристички систем треба да функционира, нагласи Крстеска.
На територијата на Општина Охрид регистрирани се околу 3.000 станоиздавачи, а анализата на УЈП на крајот од сезоната треба да покаже колку данок се прикрива.
Извор/фото МИА








