Со одлука на турскиот министер за правда Акин Гурлек, Турција ќе формира 140 нови судови со цел да ја зголеми ефикасноста на правосудниот систем и да го скрати времето потребно за разгледување на предметите на граѓаните, јави ТРТ Хабер, повикувајќи се на изјава на министерот.
„Под водство на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со цел поефикасно и побрзо обезбедување правосудни услуги за нашите граѓани, како и за поттикнување специјализација во судовите, донесена е одлука за формирање вкупно 140 нови судови“, напиша Гурлек на социјалните мрежи.
Тој појасни дека со одлуката ќе бидат формирани еден виш кривичен суд, еден виш кривичен суд за малолетници, три судови за малолетници, 46 првостепени кривични судови, еден прекршочен суд, четири извршни судови, 36 првостепени граѓански судови, пет првостепени трговски судови, два семејни суда, 24 трудови суда и 16 судови за заштита на потрошувачите.
Според турскиот министер за правда, мерката е дел од напорите за модернизација на правосудниот систем и за обезбедување побрзо постапување по предметите. ссм/
извор МИА








