Транспортните превозници денеска одржаа предупредувачки протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, со паркирање дваесетина товарни возила барајќи итно решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во шенген-зоната. Протестот се одржува во пресрет на утрешниот состанок на работната група во Брисел, а истовремени протести се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Генералниот секретар на „Макам транс“, Билјана Муратовска, истакна дека и покрај тоа што во јануари од Европската Унија било признаено дека професионалните возачи вршат дејност, веќе седум месеци, вели, ништо не е преземено за надминување на проблемот со правилото 90/180 дена.
– Да го чуваш возачот во кафез, односно во затвор три, четири или пет часа и за да му провериш дали има или нема надминато денови, е благо речено страшна дискриминација и повреда на човековите права – истакна Муратовска додавајќи дека возачите мора да бидат психички стабилни за да може уредно да учествуваат во сообраќајот.
Со овој проблем директно се соочуваат речиси 17.000 професионални возачи во земјата, односно приближно 100.000 на ниво на целиот Западен Балкан. Поради немањето правна сигурност и разните толкувања на граничните премини од страна на надлежните службеници, дури 50 отсто од возачите во моментот одбиваат да возат.
Транспортерите, како што потенцираат, се клучниот двигател на целата економија и дека без нивниот увоз и извоз не може да се затвори кружниот циклус на капиталот.
– Како фела не сме огромни ниту, пак, им ги загрозуваме работните места во Европа; напротив, ние ја вршиме својата дејност со превоз на лекови, стока и репроматеријали во двете насоки – нагласи Муратовска.
Министерството за транспорт денеска соопшти дека има целосно разбирање за предизвикот со кој се соочуваат македонските транспортери и активно и во континуитет се работи на изнаоѓање конкретни решенија за надминување на проблемот со земјите од шенген-зоната.
– Во рамките на можностите со кои раполага Министерството се работи на склучување билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната бидејќи сметаме дека ова е најсоодветно решение – Македонија самостојно да го реши проблемот на транспортерите. Потенцираме дека такви договори веќе се склучија со Швајцарија, Хрватска и Романија. Интензивно работиме со владите на Австрија, на Германија и во септември се очекува да се одржи средба на високо ниво со владата на Австрија, а во октомври и со Словенија, со цел да се постигнат билатерални договори и со овие земји за издавање долгорочни визи за македонските транспортери – наведуваат од Министерството.
Бидејќи се работи за правила во шенген-зоната, се потенцира во соопштението, она што Владата преку Министерството за транспорт може да го направи и она што го има на располагање е да потпише билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната за издавање долгорочни визи.
– Идејата е, генерално, да се покријат рутите, каде што традиционално македонските транспортери работат. Тоа ги подразбира земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери и токму со овие земји Владата и Министерството работат на билатералните договори за долгорочни визи. Потенцираме дека Македонија самостојно треба да го решава проблемот и единствен начин во овој момент е преку билетерални договори со земјите од шенген-зоната. Транспортната дејност е двигател на македонската економија и од тие причини сметаме дека дејноста не треба да запре да работи, напротив, Владата и Министерството за транспорт продолжуваат активно со работа за изнаоѓање дополнителни решенија – посочуваат од Министерството за транспорт.
Извор/фото МИА








