„За банките, декарбонизацијата веќе не е само прашање на општествена одговорност или одржливост. Таа влијае врз конкурентноста на компаниите што ги финансираат, а со тоа и врз квалитетот на нивните кредитни портфолија“. Ова беше една од поентите на Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка, на панелот „Декарбонизација на индустријата, технологии и финансирање“ во рамките на вчерашната конференција „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, организирана од Стопанската комора и канцеларијата на УНДП во земјава.
Поради тесната поврзаност на македонската економија со европскиот пазар, нашите компании се соочуваат со сè повисоки барања за енергетска ефикасност, јаглероден отпечаток и одржливо производство. Со европскиот механизам за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM), јаглеродниот отпечаток може директно да влијае врз цената и конкурентноста на производите. Поефикасното производство може да ги намали трошоците, а од банкарска перспектива најголем ризик е одлуката на компанијата да ја одложи модернизацијата и сопствената трансформација.
За финансирање се потребни исплатливи и добро подготвени проекти
Стојановски издвојува три критериуми за финансирање: економска оправданост на вложувањето, техничка подготвеност на проектот и усогласеност со долгорочната стратегија на компанијата.
Секоја инвестиција, потенцира тој, мора да има јасна економска логика. Дали ќе ги намали трошоците за енергија? Дали ќе ја зголеми продуктивноста? Дали ќе ја подобри конкурентноста? Дали ќе овозможи задржување или освојување нови пазари?
Често, нагласи Стојановски, не недостига капитал, туку енергетска анализа, податоци за потрошувачката, процена на заштедите и план за реализација. Затоа компаниите, техничките експерти и банките треба да соработуваат уште при подготовката.
Притоа, важна е долгорочната стратегија на компанијата. Како Банка, вели Стојановски, ние не финансираме само поединечни машини или соларни панели. Ние финансираме компании и нивната долгорочна способност да создаваат вредност. Затоа е важно инвестицијата да биде дел од поширока стратегија за модернизација и конкурентност.
Одржливото финансирање е дел од долгорочната стратегија на НЛБ Групацијата, која има цел да мобилизира 1,9 милијарди евра одржливо финансирање до 2030 година. На локално ниво, НЛБ Банка располага со инструменти за поддршка на зелената транзиција, меѓу кои и програми во соработка со ЕБОР. Со овие инструменти, банката е партнер на компаниите во нивната трансформација.
Неговата порака е дека не е доволно проектот да биде зелен. Тој треба да биде технички изводлив, економски оправдан и финансиски одржлив, а улогата на банките е да помогнат што повеќе такви проекти да се реализираат.
Посложените проекти бараат комбинирано финансирање и поделба на ризикот
Индустриската декарбонизација подразбира различни видови инвестиции.Некои се релативно едноставни, како замена на неефикасна опрема, подобрување на изолацијата или инсталирање фотоволтаични системи. Други се многу покомплексни, како целосна промена на производствените процеси или воведување нови технологии. И сосема е логично дека овие проекти не можат да се финансираат на ист начин.
„Не секој проект кој е добар за животната средина е автоматски финансиски одржлив. Но тоа не значи дека не треба да се реализира. Тоа значи дека треба да најдеме соодветна финансиска структура“, посочи Стојановски.

Еден начин да се изгради таква структура е комбинираното финансирање. Тоа ги поврзува сопствениот капитал и банкарскиот кредит со меѓународни средства, гаранции, грантови и техничка поддршка. Така ризикот се дели меѓу партнерите што можат најдобро да управуваат со него, а јавните средства привлекуваат приватен капитал наместо да го заменат.
Соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е конкретен пример за поддршка на зелените инвестиции. За илустрација, ЕБОР во март годинава обезбеди финансиска рамка до 30 милиони евра за НЛБ Банка преку програмата Western Balkans Green Outcomes-Linked Debt Financing. Таа поддржува мали и средни компании што вложуваат во енергетска ефикасност, обновлива енергија и одржливи технологии. Резултатите се мерат преку заштедена енергија, намалени емисии и подобрена конкурентност.
За ваквите вложувања, покрај финансирање, потребни се стабилна регулатива, ефикасни процедури за дозволи и достапна енергетска инфраструктура.
Приоритет за следните 12 месеци: проекти подготвени за финансирање
„Ако треба да издвојам еден приоритет за следните 12 месеци, тоа би било да преминеме од стратегии и декларации кон конкретни, финансиски и технички подготвени проекти за индустриска декарбонизација“, посочи Стојановски.
Тој предложи индустријата, банките, државата и меѓународните финансиски институции заеднички да ги идентификуваат и подготват проектите за финансирање. Банките можат да придонесат со капитал, со структурирање на финансирањето и со пристап до меѓународни финансиски партнери.
Напредокот би се мерел според бројот на проекти подготвени за финансирање, обемот на мобилизирани приватни инвестиции и остварените заштеди на енергија и намалувања на емисиите. Мерило за успех се реализираните инвестиции, а не бројот на усвоени стратегии.








