СРБИЈА ПРОДОЛЖУВА ДА КУПУВА ЗЛАТО, златните резерви учествуваат со 20,2 проценти од бруто девизните резерви

Бруто девизните резерви на Народната банка на Србија (НБС) на крајот на јули оваа година изнесуваа околу 30,5 милијарди евра, а во споредба со крајот на јуни, се зголемија за 893 милиони евра, објави денес НБС. Тој износ на девизни резерви обезбедува покриеност на паричната маса М1 од 168,3 проценти и седуммесечен увоз на стоки и услуги, што е повеќе од двојно над стандардот што го одредува соодветното ниво на покриеност на увозот на стоки и услуги со девизни резерви.

Нето девизните резерви (бруто девизни резерви минус девизните средства на банките врз основа на задолжителни резерви, обврските кон Меѓународниот монетарен фонд врз основа на аранжмани и други основи) на крајот на јули изнесуваа 25,99 милијарди евра, а исто така, како и бруто девизните резерви, беа на рекордно ниво забележано на крајот на месецот.

Во споредба со крајот на јуни, нето девизните резерви се повисоки за 930,6 милиони евра.

Златните резерви, кои се дел од девизните резерви, на крајот на јули достигнаа рекордни 54.791,1 килограми и имаа вредност од околу 6,16 милијарди евра, што претставува 20,2 проценти од бруто девизните резерви.

Во текот на јули, количината на злато во девизните резерви е зголемена за 225,8 килограми со купување на 18 златни прачки на домашниот пазар од компанијата „Србија Зиџин Копер“.

Вредноста на златните резерви се намали за 36,8 милиони евра во јули поради пазарни фактори (врз основа на слабеењето на американскиот долар во однос на еврото, додека малото зголемување на цената на златото во американски долари имаше спротивен ефект.

Од почетокот на годината купени се 2,3 тони злато, додека вредноста на златните резерви се намали за 32 милиони евра, поради дејството на пазарните фактори (намалување на вредноста на фина унца злато во американски долари за околу 6,5 проценти, додека зајакнувањето на американскиот долар во споредба со еврото за околу два проценти на меѓународниот пазар дејствуваше во спротивна насока), објави НБС.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано