Банките во Србија ќе продолжат да работат како и досега, но новите закони што се на јавна расправа треба да донесат поголема сигурност за граѓаните, построг надзор врз работењето и поголема одговорност на раководствата на финансиските институции. Пакетот прописи е подготвен од Народната банка на Србија и има цел усогласување со европското законодавство.
Една од клучните новини е воведувањето дополнителни механизми за борба против нелегалното кредитирање и примање депозити. Народната банка ќе добие пошироки овластувања за контрола на субјекти кои нудат финансиски услуги без соодветна дозвола, а предвидени се забрани за работа, парични казни и други санкции.
Новиот Закон за заштита на корисниците на финансиски услуги треба да обезбеди подобра заштита на граѓаните од лажни финансиски советници, нерегистрирани штедилници и компании кои без лиценца нудат финансиски производи, особено преку социјалните мрежи. Воедно, се воведува и појасна улога на кредитните посредници кои ќе им помагаат на клиентите да го изберат најсоодветниот финансиски производ.
Според експертите, новите правила ќе придонесат за поголема транспарентност и стабилност на финансискиот систем. Дел од одредбите ќе почнат да се применуваат по пристапувањето на Србија во Европската Унија, кога Народната банка ќе добие дополнителни надлежности во рамките на европскиот супервизорски систем, пишува бизнис Телеграф.








