S&P го потврди кредитниот рејтинг „A+“ на Групацијата Триглав и ја подобри нејзината самостојна кредитна оценка од „a“ на „a+“

триглав лого

Потврдениот кредитен рејтинг „A+“ е проследен со стабилен среднорочен изглед, што ја одразува оценката на агенцијата S&P дека Групацијата Триглав и во иднина ќе ја задржи својата висока деловна успешност и силната финансиска позиција.

Меѓународната агенција за кредитен рејтинг S&P Global Ratings (во понатамошниот текст: S&P) го потврди високиот кредитен рејтинг за финансиска сила и кредитниот рејтинг на издавачот „A+“ на Групацијата Триглав, како и на нејзиното матично друштво Заваровалница Триглав и членката на групацијата Позаваровалница Триглав Ре. Среднорочниот изглед на рејтингот останува стабилен.

Воедно, S&P годинава ја подобри основната оценка во структурата на кредитниот рејтинг на Групацијата Триглав, односно нејзиниот самостоен кредитен профил, од „a“ на „a+“. Агенцијата, исто така, го потврди кредитниот рејтинг „A-“ на двете издадени подредени обврзници на Триглав.

S&P ја истакнува деловната успешност на Триглав, оценувајќи дека таа е споредлива со онаа на меѓународните осигурителни компании со ист кредитен рејтинг. Според агенцијата, Триглав успешно ги реализира своите стратешки цели поврзани со растот на обемот на работењето и поголемата диверзификација на изворите на добивка, при што истовремено ефикасно управува со ризиците на различните пазари. Во работењето на меѓународните пазари на осигурување и реосигурување, Групацијата успешно ги користи поволните пазарни и ценовни услови, остварувајќи стабилни и одржливи резултати.

S&P наведува дека меѓународното работење во регионот Адрија и меѓународните реосигурителни активности сè повеќе обезбедуваат стабилен и одржлив придонес кон резултатите на Групацијата Триглав. Агенцијата нагласува дека, паралелно со зголемената интернационализација на работењето, Триглав успешно го зајакнува својот капитал по органски пат и одржува исклучително силна капитализација. Како пример се посочува успешната апсорпција на значително зголемениот обем на работење на италијанскиот пазар. Врз основа на овие фактори, S&P годинава одлучи да ја подобри основната оценка во структурата на кредитниот рејтинг на Групацијата Триглав, односно нејзиниот самостоен кредитен профил – оценка што не ја зема предвид улогата на Триглав на словенечкиот пазар.

Според S&P, конзервативната структура на билансот на состојба и релативно ниската изложеност на инвестициски ризик ќе му овозможат на Триглав и понатаму успешно да се справува со променливите услови на пазарите на капитал. Агенцијата оценува и дека Групацијата располага со добро воспоставен систем на реосигурителна заштита, кој обезбедува соодветна заштита од поголеми осцилации на капиталот и финансискиот резултат.

Стабилниот среднорочен изглед на високиот кредитен рејтинг „A+“ ја одразува проценката на S&P дека Триглав ќе продолжи да ја реализира својата стратегија за профитабилен раст преку натамошна интернационализација на работењето, истовремено задржувајќи и дополнително зајакнувајќи ги диверзифицираните извори на приходи и многу силната капитализација.

Повеќе од истиот автор

Најчитано