Повеќе од 80 лица загинаа во силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што ја погоди Колумбија и урна згради во повеќе градови, пренесе ДПА.
Стотици луѓе се повредени, а се известува за сериозна штета во повеќе делови од земјата, додека се стравува дека бројот на загинати ќе продолжи да расте.
Силниот земјотрес се случи околу 7:34 часот наутро по локално време во департманот Чоко, при што потресите беа почувствувани во поголемите градови, вклучувајќи ги Богота, Медељин, Кали, Переира, Попајан, Арменија и Манисалес.
Видеата објавени на социјалните мрежи прикажуваат уништени згради и луѓе кои во паника истрчуваат на улиците.
Земјотресот исто така беше почувствуван и во соседните земји Венецуела, Еквадор и Панама.
Најмалку 47 смртни случаи се пријавени во Переира, изјави полицискиот началник Оскар Лионел Очоа за Радио Каракол.
Уште 27 лица загинаа во департманот Ваље дел Каука, вклучувајќи три деца, според гувернерката Дилијан Франсиска Торо.
Во департманот Чоко, најмалку четири лица се загинати, а 69 се повредени, соопшти регионалната влада.
Три лица загинаа, а стотици се повредени во градот Манисалес, каде што 10 до 12 згради целосно се урнаа, додека други куќи претрпеа сериозни оштетувања, според градоначалникот Хорхе Рохас.
Кулата од катедралата во Манисалес е исто така оштетена.
Снабдувањето со електрична енергија, телефонските услуги и другите комуникациски врски се во прекин.
Во Кали, градоначалникот пријави повеќе од 20 урнати згради, за кои се верува дека има заглавени луѓе внатре.
Во Кибдо, главниот град на департманот Чоко, избувна паника по земјотресот и неколкуте секундарни потреси. Гувернерката Нубија Каролина Кордоба пријави повредени и сериозни оштетувања на зградите.
Епицентарот на земјотресот бил лоциран во близина на градот Сан Хосе дел Палмар во департманот Чоко, на околу 240 километри западно од Богота, на длабочина од 96 километри, соопшти Колумбиската геолошка служба (SGC) на Икс.
Американскиот геолошки завод (USGS) ја процени длабочината на 107 километри.
Претседателот Абелардо де ла Есприела, кој положи заклетва во петокот, нареди формирање кризен штаб во Сан Хосе дел Палмар за да се координира помошта за погодените.
Бројни земји понудија помош. „Бразил останува на располагање на Колумбија за да ја обезбеди потребната поддршка“, изјави претседателот Луис Инасио Лула да Силва.
Де ла Есприела најави дека лично ќе отпатува во Переира.
Брзо по главниот земјотрес, SGC регистрираше секундарен потрес со јачина од 4,6 степени во Новита, која исто така се наоѓа во департманот Чоко.
Земјотресот доаѓа откако два последователни земјотреси ја погодија соседна Венецуела во крајот на јуни, во кои загинаа повеќе од 6.000 луѓе.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








