Oчајно ниската доверба на граѓаните во правосудството, која изнесува само два отсто, може да се надмине единствено преку сериозни реформи и целосно напуштање на партизацијата и политизацијата при изборот на судии и обвинители, смета претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за МИА.
Според неа, проблемот не е само во законите, туку во кадрите што ги применуваат. „Сите што се нашле на право место, а се погрешни луѓе, нема да им бидат верни на законите и владеењето на правото, туку на оние што ги поставиле“, истакна Сиљановска-Давкова.
Таа побара поголема одговорност, санкционирање на злоупотребите и сериозно преиспитување на потеклото на имотот на функционерите. Според претседателката, само конкретни резултати и еднаква правда за сите можат да ја вратат довербата на граѓаните во правосудниот систем.








