Штипскиот градоначалник Јорданов направи смена на директорите на детските градинки

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција информираше за смената на директорите на двете детски градинки „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“. Директорката на градинката „Вера Циривири-Трена“, Ивана Ангеличкова заминува на директорската позиција на градинката на „Астибо“, а на нејзиното место за вршител на должност директор на „Вера Циривири-Трена“ е назначена Ана Јакимова. 

Јорданов посочи дека причината за смената е незадоволството од досегашното работење на директорот на градинката „Астибо“, но и сомнежи за финансиски неправилности. До Државниот завод за ревизија веќе е поднесено барање за анализа на финансиското работење, а новото раководство ќе врши целосна ревизија. Јорданов очекува надлежните институции во наредниот период да утврдат дали постои одговорност.

– Причина заради оваа промена во раководствата во детските градинки е незадоволството мое лично од досегашното работење на досегашниот директор на  градинката „Астибо“ и сомнежот во неговото финансиско работење. Чекорите кои што ќе бидат превземени во периодот кој што ќе следи е новото раководство да направи комплетна ревизија на досегашното работење со пријава до надлежните институции до Државен завод за ревизија да се направи една анализа на финансиското работење на досегашниот директор на ДГ „Астибо“. Она кое што е моја надлежност е да направам чекор, кој веќе го направив со смена на директорската позиција, а надлежноста на релевантините институции очекувам да во јавноста биде проследена во наредните недели и денови, затоа што тие треба да утврдат одговотност доколку ја има-изјави Јорданов. 

Тој на денешната прес-конференција порача дека нема да толерира неодговорно однесување од ниту еден функционер на локално ниво.Апелираше сите носители на функции одговорно да ги извршуваат своите обврски и да работат во интерес на граѓаните.

-Она кое што сакам да го превземам и да апелирам до сите останатити чинители во функционирањето на локалната самоуправа е дека нема да дозволам неодговорно однесување на ниту еден функционер на локално ниво, затоа што сите ние имаме одговорност да бидеме сервис спрема граѓаните и одговорно да се однесуваме со позициите кои ги носиме-вели Јорданов.

Во периодот кој што следи, градоначалникот Јорданов очекува новите раководства на детските градинки да продолжат во насока на рационализација и оптимизација на трошоците и ресурсите со кои што располагаат, како и да ја подобрат услугата кон крајните корисници-децата. вдј/вг/

Фото: МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано