ШЕЌЕРОТ И ЖИТАРКИТЕ СО ЗНАЧИТЕЛЕН РАСТ НА ЦЕНИТЕ ВО МАЈ, светските цени на храната близу до тригодишен максимум објави ФАО

Светските цени на храната останаа близу до тригодишен максимум во мај и покрај малиот пад, а житарките и шеќерот значително поскапеа, објави денес Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цените на храната на ФАО (FFPI), кој ги следи месечните движења на цените на основните земјоделски производи на светскиот пазар, изнесуваше 130,8 поени, што претставува намалување од 0,2 проценти во споредба со 131 поен во април.

Индексот на цените на житарките се зголеми за 2,6 проценти во споредба со април, на 114,3 поени, а сите главни житарки поскапеа.

Посебен притисок дојде од пазарот на пченица, каде што цените продолжија да растат четврти месец по ред.

Послабите приноси во клучните земји извознички, вклучувајќи ги и САД, како и зголемувањето на глобалните трошоци за гориво и ѓубрива се наведуваат како главни причини.

Силен раст е забележан и кај шеќерот, чии цени скокнаа за 7,5 проценти на 95,1 поен, бидејќи инвеститорите се загрижени за можно намалување на глобалната понуда во наредните месеци.

Растот е поврзан со повисоките цени на нафтата и очекувањата дека Бразил ќе насочи повеќе шеќерна трска кон производство на етанол.

Цените на месото се зголемија за 0,1 процент на 130,5 поени, при што се регистрирани повисоки трошоци за говедско и овчо месо.

Од друга страна, пазарот на млечни производи покажа пад од 0,5 проценти на 119,2 поени, најниско ниво од јануари 2024 година.

Најголем пад е забележан кај растителните масла, каде што цените се намалија за 4,6 проценти на 185 поени, првенствено поради поевтините палмини и соини масла, кои го компензираа зголемувањето на цените на маслото од репка и сончогледовото масло.

Вредноста на FFPI е повисока за 2,9 проценти во споредба со мај 2025 година, но пониска за 18,4 проценти во споредба со рекордните вредности регистрирани во март 2022 година, се додава во извештајот на веб-страницата на ФАО.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано