СЕПА плаќања – што значи тоа за македонските компании?

СЕПА плаќања

Од 6 март 2025 година, Република Северна Македонија официјално стана дел од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Ова значи дека прекуграничните трансакции во евра се третираат слично на домашните, со стандардизирани правила, со пониски трошоци и со поголема ефикасност во 41 земја, вклучувајќи ги сите членки на ЕУ, ЕЕА, Велика Британија, Швајцарија, Андора, Ватикан, Монако, Сан Марино, Молдавија, како и четири земји од Западен Балкан: Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија (со оперативна имплементација од мај 2026 година).

СЕПА им овозможува на компаниите во земјите учеснички да вршат и да примаат плаќања во евра низ целата област со истата леснотија, брзина, безбедност и ниски трошоци како и домашните трансакции. Ова носи големи практични придобивки особено за компаниите вклучени во: извоз/увоз со ЕУ, прекугранична трговија, обработка на дознаки или соработки со европски партнери.

Во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија, Стопанската комора кон крајот на јануари 2026 година организираше работилница на која учествуваа над 60 компании, главно од извозно-увозниот сектор. Настанот се фокусираше на практичните аспекти, на предизвиците и на придобивките од примената на СЕПА-плаќањата. Целта беше компаниите да се запознаат со новите правила за прекугранични трансфери во евра и како најдобро да ги искористат можностите од членството во СЕПА.
Работилницата е дел од тековните напори на Стопанската комора да ги информира и да ги поддржи компаниите во адаптацијата кон европските стандарди во платниот промет по оперативното приклучување на домашните банки кон СЕПА (што започна во октомври 2025 година). Покрај презентации, имаше отворена дискусија, размена на искуства и идентификување на конкретни предизвици во секојдневното работење.

СЕПА опфаќа повеќе платежни шеми кои овозможуваат стандарден и ефикасен пренос на парични средства во евра меѓу земјите членки на СЕПА-областа, и тоа:
– кредитни трансфери (SCT − SEPA Credit Transfer), најчест начин за електронски пренос на парични средства (одливи и приливи) меѓу платежни сметки со користење на платни налози;
– брзи кредитни трансфери (SCT Inst − SEPA Instant Credit Transfer), најбрз начин за електронски пренос на парични средства, до 10 секунди, 24/7/365;
– директни задолжувања (SDD − Sepa Direct Debit), погоден начин за повторливи плаќања како што се плаќање сметки за редовни услуги (вода, електрична енергија, топлинска енергија, телефон, интернет), членарини, отплата на заем и сл.

Во моментов, банките во Македонија учествуваат само во кредитната трансферска шема, што им овозможува на компаниите брзо и ефикасно извршување на плаќањата во евра во текот на истиот ден или најдоцна наредниот работен ден.

Главните предности за компаниите од учеството во СЕПА-плаќањата:

» Значително пониски трошоци за плаќања и за приливи во евра кон/од СЕПА-земји. СЕПА-плаќањата (особено стандардните СЕПА-кредитни трансфери и директни задолжувања) обично имаат ниски провизии, често многу поевтини од традиционалните прекугранични СВИФТ (SWIFT)-трансфери. Ова ги намалува вкупните трошоци за плаќања, особено за компании што работат во повеќе европски земји. За класични суми што ги користат компаниите (на пр. 20 000 €), трошоците за испраќање се намалуваат дури 8 пати, а за примање околу 3 пати помали во споредба со СВИФТ (SWIFT)/кореспондентните трансфери. Ова значи заштеда од стотици до илјадници евра годишно за компаниите што редовно тргуваат со ЕУ (Германија, Италија, Австрија, Грција и други) и директно придонесува за подобро управување со ликвидноста и зголемување на нивната конкурентност на меѓународните пазари.

» Побрзо и попредвидливо извршување на трансакциите, подобрен готовински проток и управување со ликвидноста. Средствата се достапни побрзо, што овозможува подобро планирање, намалена потреба од резерви во готово и побрза употреба на влезните плаќања за операции или за инвестиции.

Порамнувањето е обично 1 работен ден за стандарден СЕПА-кредитен трансфер, а во секунди за СЕПА-брзи кредитни трансфери (Instant Credit Transfer/SCT Inst). Тоа го подобрува готовинскиот проток, го намалува доцнењето во плаќањата, ги олеснува синџирите на снабдување, го подобрува управувањето со ликвидноста и со предвидливоста во споредба со застарените кореспондентски банкарски или СВИФТ (SWIFT)-трансфери кои траеја неколку дена.

» Поедноставени процеси и намалена комплексност. Компаниите можат да ги извршуваат сите плаќања во евра од една банкарска сметка користејќи унифицирани формати (ИБАН [IBAN]/БИЦ [BIC], стандардизиран XML). Ова ја елиминира потребата од повеќе сметки, различни национални шеми за плаќања или рачно справување со различни формати, поедноставувајќи ги обврските/побарувањата и усогласувањето. Ова ги намалува административните товари, грешките и трошоците за усогласеност.

» Индиректни предности за раст и за конкурентност и полесен пристап до единствениот пазар на ЕУ. Компаниите можат ефикасно и без бариери да им плаќаат на доставувачи или на партнери низ цела СЕПА-област, како и да примаат плаќања од клиенти. Ова ја подобрува конкурентноста на македонските компании, ја поттикнува прекуграничната трговија, е-трговијата, го олеснува проширувањето на операциите на компаниите во Европа со помалку трошоци, ги поддржува зголемените трговски волумени и приливот на странски инвестиции. Потрошувачите и партнерите во ЕУ сметаат дека е посигурно и поевтино да работат со компанија што користи СЕПА-стандарди.

» Помалку ризици и поголема предвидливост. Стандардизирани правила низ 41 земја, транспарентните провизии и конзистентните времиња на обработка ги намалуваат грешките и посредниците, доцнењата и неочекуваните трошоци во споредба со застарените прекугранични методи (примена на моделот СХА [SHA] − споделени трошоци меѓу плаќачот и примачот во СЕПА наспроти моделот ОУР [OUR] кој вообичаено се применува во коресподентното банкарство и имплицира трошоците на сите банки вклучени во преносот на паричните средства да бидат на товар на плаќачот).

» Подобрена автоматизација и ефикасност. СЕПА поддржува групни плаќања, рекурентни наплати преку СЕПА-директно задолжување (идеално за претплати, за комунални услуги или за рати) и интеграција со ЕРП (ERP)/трезорски системи. Ова го намалува рачниот труд, го скратува административното време и ја подобрува точноста.

» Зајакната безбедност и заштита од измами. Стандардизираните шеми вклучуваат вградена валидација (на пр. контролни цифри на ИБАН [IBAN]) и проверка на совпаѓањето на називот на примачот со неговата платежна сметка (ИБАН [IBAN]).

Иако целосното членство во ЕУ би овозможило уште поширок пристап до единствениот пазар, СЕПА е конкретен чекор напред во финансиската интеграција според Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Генерално СЕПА им помага на компаниите да ги намалат трошоците, да ги забрзаат операциите, да ги поедностават паневропските активности и да ја подобрат финансиската видливост − претворајќи ги сложените меѓународни плаќања во рутински, слични на домашните трансакции. Најголема корист имаат компаниите што извезуваат/увезуваат стоки и услуги од/во ЕУ, оние со многу прекугранични плаќања со доставувачи или со клиенти, како и компаниите што плаќаат/примаат плати или дивиденди во евра. Ако компанијата има редовни трансакции во евра со Европа − СЕПА е една од најважните промени во последниве 10 до 15 години за намалување на оперативните трошоци и за зголемување на ефикасноста.


Економија и бизнис, 15 февруари 2026г.

Повеќе од истиот автор

Најчитано