Група членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници објавија дека имаат намера да одржат стабилно снабдување до крајот на есента, сигнализирајќи континуирана соработка по завршениот циклус на доброволно намалување на производството.
Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман на вчерашниот онлајн состанок одлучија дека ќе го одржат производството во ноември на нивото пропишано за септември, од 31 милион барели дневно.
Групата во септември го заврши циклусот на доброволно намалување на снабдувањето и врати на пазарот 1,65 милиони барели дневно, ослободени минатата година кога ОАЕ сè уште беа членка на ОПЕК. ОАЕ се повлече од ОПЕК на почетокот на мај.
Групата, исто така, изјави дека е „колективно подготвена да се стреми кон целосно почитување на Декларацијата за соработка“, истакнувајќи дека ќе продолжи да се состанува еднаш месечно за да ја анализира состојбата на пазарот.
Пошироката група ОПЕК+ треба, според договорот од 2022 година, да го намали производството за приближно два милиони барели дневно до крајот на годината. Групата ОПЕК+, покрај членовите на ОПЕК, вклучува и независни производители, како што е Русија.
Во последните месеци, производството се забави на договорените нивоа поради американската војна со Иран и блокадата на клучниот извозен пат низ Ормутската Теснина, потсетува ДПА, повикувајќи се на податоците на ОПЕК.








